Али Ахмети: Во игра се четири опции или нови избори!

ali_ahmeti

За ДУИ се отворени четири опции: коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, техничка влада како до 11-декември и преоѓање на ДУИ во опозиција. Ахмети не исклучува ни неопходност од нови избори.

Во игра се четири опции, изјави синоќа лидерот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21. И покрај огромната упорност и умешност на водителот во поставувањето на сите клучни прашања, Ахмети одбегна да даде конкретни одговори.

„Пред да почнат преговори со ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде завршена анализата за тоа во каков правец ќе оди ДУИ и какви позиции ќе има: дали ДУИ ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, дали со СДСМ, дали ќе излезе со понуда за техничка, таканаречена проширена влада како што имавме до 11 декември 2016, или пак можеби ДУИ ќе донесе одлука да биде во опозиција. Сите овие опции се отворени“, изјави Ахмети.

Тој не сакаше да ги коментира предизборните реторики на двете најголеми македонски партии – ниту националистичката реторика на ВМРО-ДПМНЕ ниту граѓанската на СДСМ, за која изрази доза на сомневање бидејќи не ја видел во конкретна програма.

„Јас верувам во акти кои ги гледам на лист. Народот вели – зборовите ги носи ветерот“, рече Ахмети.

На забелешката дека ја релативизира реториката на досегашниот партнер, Ахмети се огради со став дека нема да биде адвокат ни на едната, ни на другата партија.

„Не верувам во тоа што е кажано само за дневно политички поени. Јас добро ги познавам и двете страни, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие воопшто не се разликуваа кога стануваше збор за третирање и унапредување на албанските прашања. Ние не бараме ни повеќе ни помалку од она што е предвидено со Охридскиот договор, кој наложува употреба на албанскиот јазик, а овој договор се одразува врз Уставот на РМ“, рече Ахмети.

На директно прашање дали ќе направи колалиција со ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на ДУИ одговори дека тоа е прашање за кое треба добро да се размисли и да се анализира.

„Работите треба да се гледаат рационално, а не еуфорично и со фолклоризам. Не се наоѓаме во поволни околности како во земјата, во регионот, така и во пошироките политики“, рече тој.

Последици од кршење на Мајскиот договор

Во целото интервју, Ахмети одбегнуваше директни одговори, одговарајќи неодредено, со посредни компарации на состојбите од блиското минато.

„Сметам дека треба да сме поразумни и порационални, бидејќи блиското минато покажа дека со распалување, со кампањи на една заедница против друга заедница, и политички претставници на една заедница кои го зголемуваат нивното политичко влијание со националистички фрази, носат последици“, оцени лидерот на ДУИ.

Притоа избегна да ги коментира пораките во последното интервју на Груевски за „Дневник“, во кое тој предупреди дека ако ДУИ отиде во коалиција со втората, наместо со првата партија, тоа ќе значи воспоставување на нова практика во Македонија, на која ВМРО-ДПМНЕ ќе се приспособи не само сега, туку и во иднина.

„Не можам да го дефинирам интервјуто… Иако не е добро“, кусо одговори Ахмети. Потоа се осврна на значењето на Мајскиот договор, објаснувајќи дека сите анкети досега покажале дека лично него „македонската заедница не само што не го сака, туку го мрази“, но со силата на тој договор сепак била почитувана изборната волја на мнозинството во албанската заедница.

„Во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ ги понижи Албанците со тоа што не ја зема предвид волјата на мнозинството. Сега мора да се гледа на последиците. Ова се прашања за кои сега се дискутира во ДУИ, бидејќи одлуката што ќе ја донесеме не сакаме да остави последици за албанскиот народ во Македонија“, рече Ахмети, обидувајќи се посредно да објасни што ќе значи поништувањето на Мајскиот договор од 2007 година, според кој, владата ја составуваат двете партии кои освоиле најмногу гласови во македонската и албанската заедница.

„И тогаш (во 2008 година -н.з) ризично беше и за ВМРО-ДПМНЕ да го направат овој чекор за заедничко владеење, со сили кои некогаш беа наречени ‘терористички сили’ и ‘непријатели на државата’“, потенцираше Ахмети, обидувајќи се да објасни дека не била лесна ни позицијата на коалицискиот партнер.

Декларацијата ќе реши!

Запрашан дали може да има последици и од коалицирање на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети одговори дека за последиците не може да се оцени денеска, бидејќи тие ќе можат да се видат во иднина: „Во ДУИ нема ни ‘за’ ни ‘против’ за ниту една страна. На масата се ставени опциите за тоа ако влеземе во коалиција со едните или другите и кои би биле главните начела, а не за условувања“.

На забелешката од новинарот дека токму потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта, во истото студио изјавил дека досега не сретнал Албанец кој сака да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети одговори неодредено: „А зошто јас и се обраќам на јавноста од ова студио? Со цел таа да процени…“

Според него, јазичната рамноправност, како што пишува во декларацијата меѓу политичките партии, е неопходност, и е момент за затворање на тоа поглавје од Рамковниот договор, бидејќи сите други прашања во него – се прашања кои се во корист на целата држава. Не одговори дали ВМРО-ДПМНЕ може да ја прифати и спроведе таа декларација.

„Не знам дали може да ја спроведе и дали ќе наидеме на разбирање од нивна страна. Не можам да предвидам“, рече Ахмети.

Тврди дека досега немало никакви официјални преговори ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со СДСМ, и дека сите информации на таа тема се невистинити. Во однос на можноста за коалицирање со СДСМ беше неодреден и резервиран.

„Таа не е победничка партија на изборите и кој ни гарантира нам за тоа колку ќе има стабилна ситуација. Секој избрзана одлука може да предизвика последици. Не брзаме никаде, туку 99 пати ќе размислиме, а 100-иот ќе пресечеме. За да донесеме одлука ќе ги анализираме придобивките и последиците со ВМРО-ДПМНЕ, придобивките и последиците со СДСМ, придобивките и последиците со проширена влада. Во вакви околности ДУИ одлучи да ја разгледа можноста и да прејде во опозиција, во многу специфични околности, со големи последици“, нагласи Ахмети.

Коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?

Бегајќи од конкретни одговори, лидерот на ДУИ фрли ракавица дека е можна и коалиција меѓу двете македонски партии.

„Не можат ли да се обединат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, па како што направивме ние, и тие да состават заедничка платформа? Во текот на сите преговори во една и пол година (пржинските преговори -н.з), во одредени многу важни моменти, Груевски и Заев се повлекоа во посебна просторија, очи во очи и изнајдоа заеднички јазик. Тие може да направат коалиција“, рече Ахмети.

На прашањето дали е ова негова претпоставка или нешто што се случува на терен, тој одговори: „Јас оваа изјава сум ја слушнал од таканаречниот претседател на државата, господинот Иванов. Тој ги повикува господинот Груевски и господинот Заев да седнат и да најдат заеднички јазик. Зошто? Не може ли да се случи да седнат и да направат заеднички точки? Може да ги земат Албанците, има 12 мандати колку што имаат другите партии, и не е неосновано ова што го велам јас“, тврди лидерот на ДУИ.

Потенцираше дека ДУИ е подготвена да оди во опозиција ако не биде прифатена декларацијата, но не одговори како другите албански партии би влегле во таква коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, доколку не биде прифатена декларацијата на која и тие инсистираат. Односно, ако ВМРО-ДПМНЕ ја прифати декларацијата, тогаш не би имало пречка ДУИ да коалицира со неа, што не остава простор за друга варијанта. Ахмети ги одмолчи овие забелешки. Запрашан – дали е за нови избори, Ахмети кусо одговори: „Зошто да не. Ако нема подобро решение. Секако дека земјата ќе оди на нови избори ако не се прифати албанската декларација, од која било страна“.

Тој апелираше до македонските партии во прв ред да ги стават државните интерси – решавањето на спорот за името и создавање стабилност во земјата.

Извор: DW

Додади коментар

Би те интересирало и

Со Национална стратегија државата ќе ја унапредува соработката со дијаспората

Со петгодишна Национална стратегија, државата ќе ја унапредува комуникацијата и соработката со дијаспората. За ова ...

Заев: Со Вучиќ ќе ги решиме сите недоразбирања

Премиерот Зоран Заев во изјава за српски „Блиц“ изјави дека без никакви предвремено донесени заклучоци ...

Close