Богов: Оставањето на НБРМ без гувернер би било сериозна закана за македонската економија – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Богов: Оставањето на НБРМ без гувернер би било сериозна закана за македонската економија

Оставањето на Народната банка без гувернер би имало сериозни негативни импликации врз македонската економија. Ова е ставот на гувернерот на НБРМ, Димитар Богов чиј мандат истекува месецов, додека координациите кај политичките партии за тоа кој да ја заземе гувернерската фунцкија се уште траат. Според него, ако не се избере гувернер на Народната банка на Република Македонија до 20 мај, тоа ќе значи закана за целокупната стабилност на македонската економија.

Запрашан за тоа дали очекува поддршка од парламентарното мнозинство, Богов денеска не одговори конкретно, но посочи дека очекува политичарите да го направат изборот до предвидениот рок.

Тој  порача дека е потребна добра волја но и отворен ум за сите можни комбинации, за да се дојде до најдобриот кандидат. Богов се надева дека изборот ќе биде согласно Законот за НБРМ, кој беше донесен во 2010 – та година:

„НБРМ има многу значајни функции во економијата и се грижи за сигурноста на банкарскиот сектор. Оставањето без гувернер би имало сериозни негативни импликации. Ние се уште се надеваме дека согласно законот за НБРМ ќе се постигне договор за нов гувернер. Законот беше изработен во 2010 со поддршка на ММФ и тоа е значително хармонизирано со европското законодавство. Би било европско однесување според овој Закон да се избере нов гувернер, професионалец, кој ќе си ја извршува својата задача. Некои одлуки се исклучиво на гувернерот – одлуката за каматна стапка, за ликвидноста, одлуките во банкарскиот сектор. Би имало сериозни ситуации кои би биле сериозна закана за целокупната стабилност на македонската економија. Гувернерот има исклучиво негови надлежности и не може да се пренесат на никој друг“.

Богов беше предложен од страна на шефот на државата  Иванов, кој смета дека тој треба да добие уште еден мандат за оваа функција во Народната Банка. Премиерот Зоран Заев пред два дена рече дека се изненадил кога дознал дека Иванов доставил ваков предлог до Собранието. Тој на прес конференција најави координација со парламентарното мнозинство со цел да се изгради конечен став, а од Владата денеска информираа дека на вчерашната седница не станало збор за ова прашање.

„Владата не разговараше за предлогот за гувернер. Одговорот треба да го барате во пратеничките групи за тие да го пренесат ставот на нивните политички групи“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Предлогот на Иванов за реизбор на Богов е прифатлив за ВМРО ДПМНЕ, но не и за ДУИ, од каде сметаат дека  гувернерското место треба да го заземе Фатмир Бесими.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

ВМРО-ДПМНЕ: Дуото Тевдовски-Анѓушев конечно признаа дека се неспособни да ја водат економијата на државата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнево со писмено соопштение реагираше на денешните изјави на вицепремиерот, ёКочо Анѓушев и ...

Анѓушев и Тевдовски оптимисти дека ќе се реализираат капиталните инвестиции

  Со изградба на крупни инсфраструктурни проекти и одржливост на јавниост долг до зголемена ефикасност ...