Богов ја предлага Анита Ангеловска-Бежоска за вицегувернер

Анита Ангеловска-Бежоска да биде вицегувернер на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), предлага гувернерот Димитар Богов.

Богов, како што соопшти попладнево НБРМ, ваквиот предлог денеска го доставил до Собранието на Република Македонија.

– Анита Ангеловска-Бежоска е најсоодветен кандидат за местото вицегувернер на Народната банка на Република Македонија, со исклучителна професионална кариера. Уверен сум дека таа е кандидат за кој може да се постигне широк консензус во Собранието на Република Македонија – смета Богов.

Ангеловска-Бежоска дипломирала на Економскиот факултет во Скопје во 1994 година со добиено признание за еден од тројцата најдобри студенти во генерацијата. Магистрирала во 1997 година, а докторирала на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година. Работната кариера ја почнала во Министерството за финансии во 1996 година, кога министер за финансии бил Таки Фити. Унапредена е во раководител на секторот Трезор во 2000 година, кога министер бил Никола Груевски, по успешното имплементирање на проектот за воведување трезорско работење во Министерството, за што има добиено и меѓународно признание. Во 2003 година била унапредена во државен секретар, кога министер бил Петар Гошев. Од 2004 до 2006 година работела во ММФ во Вашингтон, во одделите за Европа и за фискални политики, каде што учествувала во поголем број мисии на ММФ во земјите-членки. До 2010 година работела на местото главен економист во Народната банка на Република Македонија, кога на предлог на тогашниот гувернер била именувана од Собранието на Република Македонија на местото вицегувернер. Од 2006 година наваму обезбедува техничка помош како експерт во тимови на Меѓународниот монетарен фонд во повеќе земји во Европа: Летонија, Белорусија, Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија.

Би те интересирало и

Блокирани сметките на 112.000 граѓани и фирми

Според најновите податоци на Народната банка на Република Македонија заклучно со јуни, 2017 година во ...

Германија ќе ги намали придонесите за пензиско осигурување

Германија планира следната година да ги намали придонесите за пензиско осигурување што ги собира од ...