„Брегзит“ – промена на ветерот?

Во Горниот дом на британскиот парламент од денеска се води дебата за „Брегзит“. Дали процесот сѐ уште може да се сопре? Може – барем така вели Ричард Њуби, член на Горниот дом во интервју за ДВ.ДВ: Владата без поголем отпор успеа да добие согласност од Долниот дом на парламентот за законот за Брегзит. Сега за тоа се дискутира во Горниот дом. Каков исход очекувате?

Лорд Ричард Њуби: Сакаме да дојдеме до одредени промени. Прво, сакаме да ги обезбедиме и да ги гарантираме правата на граѓаните на ЕУ во Велика Британија. Освен тоа, сакаме на крајот на преговорите за Брегзит да има уште едно изјаснување во парламентот. Трето, се залагаме за уште еден референдум на кој народот ќе може да одлучи дали сака договор со Унијата или пак повеќето сакаат Велика Британија да остане во ЕУ.

Меѓутоа, не изгледа дека владата е подготвена да се согласи на такви отстапки. Промените кои ги набројавте, веќе се одбиени во Долниот дом на парламентот.

Не смеете да заборавите дека владата не работи од особено цврсти позиции. Голем број на пратеници се на наша страна. Историски гледано, владата секогаш исполнувала надпропорционално голем број на барања и желби за промени. Мораме да пробаме сѐ. Да бидам искрен, нашата работа е да стоиме зад нашите убедувања. Кога би морал да погодувам, би рекол дека 85 отсто од членовите на Горниот дом во парламентот се за останување на Велика Британија во ЕУ. Ние, во поголем дел, сме постари од нашите колеги во Долниот дом и многу од нас во минатото се бореа за зачленување на Велика Британија во ЕУ – затоа што тоа ни лежи на душите.

Дали всушност вие ја одработувате работата на вашите колеги од Долниот дом на парламентот, кои беа премногу плашливи?

Имаме среќа што нашите кариери не зависат од исходите на изборите. Еден млад пратеник на Лабуристичката партија кој има мали деца и чија изборна единица гласала за Брегзит се соочува со огромен притисок. Ние, од друга страна, немаме што да изгубиме и поради тоа сме опасни.

Но што навистина можете да постигнете кога ќе дојде до остро соочување? Дали можете да издејствувате одложување на спроведувањето доколку тоа навистина го сакате?

Не, тоа не би било во ничив интерес и би предизвикало уште поголема несигурност. Ние сакаме да се избориме за промени и притоа ја имаме предвид долгорочната перспектива. Сакаме да влијаеме и да го промениме мислењето на јавноста и да ја приближиме кон луѓето идејата за уште едно изјаснување на крајот од целиот процес. Ако ги погледнете истражувањата на јавното мислење кои се направени во последната недела, јасно се гледа дека ветерот се менува. Да претпоставиме дека во секоја анкета која ќе следи по завршување на преговорите за Брегзит, повеќето луѓе ќе бидат за останување и ако тоа навистина биде така, тогаш владата тоа не смее да го игнорира.

Постојат одредени закани за тоа дека треба да се укине Горниот дом на парламентот, доколку неговите членови во кој било облик се обидат да ја сопрат „волјата на народот“.

Тоа е вообичаено ѕвечкање со оружје. Реформата на Горниот дом на парламентот е работа која има голема тежина – тоа не можете туку така да го истресете од ракавот, а посебно не сега, среде дебатата за Брегзит.

Доколку ви тргне со остварувањето на промените и на тој начин влијаете врз процесот околу Брегзит, зарем тоа нема да предизвика големо нерасположение во таборот на неговите поддржувачи.

Точно е, ќе предизвика. Но, нерасположението расте и меѓу оние кои се за останување во ЕУ, затоа што нивните гласови не се уважуваат. Ние не би требало да се занимаваме со мислата дека тие ќе ни одговорат со омраза и дека поради тоа треба да отстапиме од нашите напори. Моето мислење е дека бесот ќе исчезне кога уште еднаш ќе излеземе на референдум и на тој начин ќе ги изведеме работите на чисто, особено кога станува збор за припишување на вина. Тоа е нашето централно барање: Парламентот и народот би требало уште еднаш да излезат на гласање за на процесот Брегзит да му дадат легитимност.

Лорд Ричард Њуби е лидер на либералните демократи во Горниот дом на британскиот парламент.

Извор: DW

Би те интересирало и

Трамп: Пјонгјанг е поддржувач на тероризам

Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун останува омилен противник на претседателот на САД. По речиси помирливите ...

Американец и Мексиканка се венчаа на границата (Видео)

Американец и Мексиканка се венчаа на границата помеѓу двете земји, што симболично претставува спротивставување на ...