Бугари го купија Фени, сите вработени остануваат на работа

Се надминаа проблемите, сите работници остануваат на работа со статусот што го имаа, а комбинатот за никел „Фени индустри” доби нов сопственик – ова денеска во Кавадарци го соопшти Пеце Ристевски, претседател на Синдикатот  за индустрија, рударство и енергетика.

„Од денес, кавадаречката компанија доби нов сопственик, тоа е бугарската  Енекод, која има 35 фирми со различни бизниси во Бугарија. Новиот сопственик ги презема сите обврски кон доверителите. Сите работници остануваат на работа без никакви промени во нивниот работен статус. Добија ветување од новиот сопственик за спремност и за нови вложувања со цел успешна понатамошна работа“, нагласи Ристевски.

Во преговорите за влез на новиот сопственик во кавадаречкиот гигант бил и потпретседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, а синдикатот на фабриката постојано бил во тек.  Претставникот на новиот сопственик посочи дека без проблеми ќе се продолжи со нормална работа, струја и руда имало, неопходно било само обезбедување на  јаглен.

Вицепремиерот, Анѓушев рече дека Владата разговарала со досегашните сопственици за продажба на Фени под услови кои ќе одговараат за следни странски инвеститори, но дека тие не се мешале во тоа:

„Фени ќе биде продаден при што новите сопственици ќе ги превземат сите обврски кон банките и доверителите да не ги изгубат своите пари а вработените да продолжат да работат, следната недела ќе биде поделена платата за септември а се надеваме дека следните два три недели комбинатот да преработи со капацитетот со кој работеше досега“, истакна Анѓушев.

Изминатиов период комбинатот го тресеа низа афери, револтирани работници постојано алармираа во јавноста за случувањата во фабриката.

На средината на септември извршителите тропнаа на вратите на фабриката зашто подолг период раководството  избегнувало да ги исплати долговите за сметки за струја и банкарски кредити, кои изминатите години се наталожиле. Тогаш од компанијата писмено известија дека се соочуваат со проблеми од 2015 година, поради ниската цена на никелот која веќе неколку години континуирано паѓала.

 

Билјана Тошевски

Би те интересирало и

Биткоинот е речиси 8.000 долари, но инвеститорите со недоверба гледаат кон него

Иако вредноста на биткоинот порасна за неверојатни 700 проценти од почетокот на оваа година, поголемиот ...

Пад на цените на нафтата на светските пазари

Цените на нафтата на светските пазари минатата недела паднаа од највисокото ниво што го достигнаа ...