Бунтови, промени, што потоа?!

Златко Јакимовски

zlatko-jovanovskiСеријата граѓански протести во последниот период, организирани од движењето #Протестирам, а познати како Шарена револуција, едноставно не можат да не побудат интрига кај секој поединец со изразена социјабилност. Навестувајќи го крајот на една епоха, Шарената револуција полека ги отвара дилемите на новото уредување и го поставува прашањето за граѓанскиот придонес во промените кои претстојат, а кој би требало да биде каузален, одлучувачки, а не аксесорен, споредено со придонесот на политичките партии.

Поводот за „Шарената револуција“ беше одлуката за аболиција на претседателот Ѓорѓе Иванов, додека причините објективно треба да се бараат во „лизгавиот“ легитимитет на актуелната политичка елита која управува со Република Македонија. Протестите на Шарената револуција во македонскиот граѓанин го будат „камијевскиот принцип – се бунам значи постојам“! А бунтовите имаат смисла само додека траат. Сетете се на пример на кампот пред Владата на РМ, пред само една година, денес никој не говори за него.

Но, не може, а да не се забележи дека и овојпат на „терен“ е активен репресивниот апарат на власта, кој изминативе години, се покажа изразито сензитивен кон граѓанската непослушност. Тој овојпат беше олицетворен низ апсењето на членовите на левицата, меѓу кои имаше и студенти. Непотребно е ова „насилно“ третирање како кривично дело на постапки на граѓани чија објективна општествена опасност најмногу може да стигне до прекршочна одговорност за нарушување на јавен ред и мир. Тоа е исто како некому да му падне на памет да донесе закон и да забрани основни и средни училишта само затоа што некој продава дрога во училишниот двор. Целосен апсурд. Оваа аверзија на владеачката структура кон граѓанскиот отпор е само премолчено признание за сопствената свесност, дека за неа односно за владеачката структура можеби крајот е на повидок.

Правдата и вистината се нераскинливо поврзани

Нема правда, нема мир“ слоган кој ужива огромна популарност уште од студентските протести, ја истакнува правдата како услов без кој е невозможен мир во општеството (conditio sine qua non). Граѓанскиот сектор мора да инсистира подеднакво и на правдата и на вистината, како вредности кои се во нераскинливо дијалектичко единство. Затоа што правдата е бесцелна ако и самата претставува лага, додека неправичната вистина е доказ дека правдата можеби е бавна, но сепак е недостижна.

А таква е состојбата во која се наоѓа македонското општество. Македонскиот граѓанин преку објавените аудио разговори на опозицијата имаше можност да ја осознае мрачната вистина на општествените случувања, но поради едностран политички акт граѓанството беше ускратено од судската завршница на веќе почнатите кривични постапки. Резултат на судските постапки требаше да биде правична пресуда, каде што правичноста не претставува ништо друго освен правда во поединечни случаи, правда како за осомничените, така и за општеството во целина. Само преку поединечни правични пресуди се доаѓа до интегрален концепт на праведно општество.

Од друга страна, пак, правдата и вистината се појдовни точки за различната оптика низ која се набљудува општествената состојба во Република Македонија. Со проектот „Вистината за Македонија“, водечката опозициска партија како да воспостави монопол врз „вистината“ како цивилизациска придобивка. Набљудувајќи ја големата слика на интеракција помеѓу правдата и вистината, од студентските протести, преку „бомбите“ на опозицијата до Шарената револуција, се доаѓа до антагонизмот помеѓу граѓанското општество и политичките партии.

protestiram-npnm
Фото: #Протестирам

Политичките партии и граѓанското општество имаат различна оптика

За мене е јасно кој ќе изгуби, бидејќи секој производ има определен рок на траење, а на овој модел на владеење истиот полека му истекува. Но не знам кој ќе победи. Невозможно е да победат и граѓанскиот отпор и политичките партии. Бидејќи нивното паралелно постоење проследено со енормна активност (кое несомнено е резултат на една искристализирана демократска свест кај дел од населението, и крајно позитивна појава) ги диференцира во две „интересни групи“ со сопствени легитимни барања во овој процес на промени во Република Македонија. Во спротивно едниот сегмент не би постоел, барем не толку изразито, и би бил интегриран во другиот, или во најмала рака би претставувал логистичка поддршка на другиот.

Можеби најчесно би било ефикасноста и ефективноста на промените и новото уредување да се набљудуваат етапно. Најнапред „губитникот“ да добие формална потврда на својот статус, а потоа во оштеството да се искристализираат победниците. Она од што искрено стравувам е дека граѓанската „борба“ ќе стане приврзок на политичката елита, а нејзините предводници, слепи послушници на идната власт, која и да е! Стравувам поради различните идеи водилки кои ги имаат граѓанскиот сектор и политичките партии. Слободата, еднаквоста, и човековите права се инхерентни на идејата за граѓанско општество и легитимни барања на една човекова заедница која би сакала да се нарече цивилизација.

Политичките партии, пак, влегуваат во „политичката борба“, пред се`, заради авторитативна распределба на ресурсите во државата. Отсуството на општествена одговорност и професионална етика ја создадоа македонската политичка елита, потоа последицата стана причина за нашата агонија. Всушност, тоа е мојата точка на разминување со политичките актери кои носат партиски дрес. Тие се занимаваат со државата, а мене ме интересира општеството. Да се занимавате со државата е 19. век, додека општеството е во фокусот на 21. век. Затоа во новата констелација на односи во општеството, граѓанскиот сектор мора да изнајде соодветен компромисен пласман на својата моќ, со што би се довел во позиција на активен чинител во општествените текови.

Општеството мора да биде посилно од државата

Ме импонира зголеменото ниво на реакција. Полека, но сигурно, се одалечуваме од она апатично општество на „хејтери“ кои само „кукаат“ и ништо не превземаат, општество што беше слика и прилика за Македонија само две години претходно. На почетокот од овој процес ме прашуваа за мојот страв поради тоа што државата станала пресилна, и секогаш одговарав дека сум исплашен поради тоа што општеството стана преслабо. Основата на моите стравови беше во нашето „мирување“ во поглед на работите кои во голема мера не беа во ред, како на пример, константниот демократски дефицит на претставничките органи, интенцијата на извршната власт за превласт во однос на останатите две власти, недиференцирањето на партијата од државата, избрзаните реформи, нетранспарентноста на расходната страна на јавните финансии, незадоволителниот степен на медиумските слободи итн. Денес ме радува фактот што кај граѓанството имаме општа согласност дека во Македонија мора да доживее крах еден цел историско–културен образец кој е патријахален, епски, анахрон, ксенофобичен, слеп и глув за другиот и времето во кое што живее.

Единствена работа која е важна во овој претстоечки период е општеството, кое е поширок поим од државата, да се претвори во систем. Сериозните општества се систем кој постои за крајниот резултат да не зависи од личната храброст, временските услови, интелигенцијата или висината на платите. Напредок во македонското општество е можен тогаш кога епохата на постоечките општествени односи ќе го доживее својот крај, бидејќи е неодржлива на долг рок поради фактот што во себе го носи семето на сопствена авто-деструкција. Потоа општеството треба да им се препушти на оние кои се способни да го изградат од почеток, оние кои се свесни дека залудно е да ја поправате фасадата кога се руши целата куќа. Зошто? Затоа што темелите се полугнили, конструкцијата е лоша, а шрафовите се полни со корозија. Се` треба од почеток, се`! Затоа можеби треба да стигнеме до крајот, за да се вратиме на почетокот. Бидејќи како што вели Фукујама, на крајот (на историјата) сепак има деморкатија!

 

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

 

Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk.Оригиналната објава можете да ја прочитате овде.

Би те интересирало и

Реформи во безбедносно-разузнавачките служби – до каде сме?

м-р Магдалена Лембовска Пристигна и вториот извештај на Прибе, а контрола на УБК се` уште ...

Што е Google Jigsaw и како може да придонесе за Македонија?

Вчерашната вест за средбата на премиерот Заев со Џеред Коен, директорот на Google Jigsaw во Њујорк ...