Вардар против Висла за директен пласман во четвртфиналето на ЛШ – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Вардар против Висла за директен пласман во четвртфиналето на ЛШ

Европскиот шампион Вардар денска од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“ го игра последниот натпревар од групната фаза во А групата во ракометната Лига на шампионите против Висла Плок.

За сигурен и директен пласман во четвртфиналето на „црвено-црните“ им треба најмалку реми против полскиот тим за да ги прескокне натпреварите од осмина-финалето и по петти пат да се најде во најдобрите осум екипи во Европа. На првиот меч сезонава во ЛШ, Вардар победи во Полска со 26:22.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес во петокот на прес-конференција изјави дека чуствуваат мал притисок во пресрет на дуелот со Висла, но дека има доверба во своите играчи и дека заедно со поддршката на фановите ќе стигнат до посакуваната победа.

– Ако завршиме на првото место тоа ќе биде уште еднаш голем успех за Вардар. Нашата одбрана е добра, но не е на нивото како што беше во декември. Ќе мораме да продолжиме да работиме силно и да ја креваме формата – изјави Раул.

Капитенот на тимот, Стојанче Стоилов призна за падот на формата на „црвено-црните“ и дека тимот не е на познатото ниво, но додаде дека формата ќе се подобрува како ќе изминува времето.

– Играме за прво место и ние мораме да бидеме мотивирани. Сè е во наши раце и се надевам дека ќе завршиме како што треба. Подобро сега да има пад на формата отколку подоцна. На ЕП имаше голем дел од играчите на Вардар, а потоа имавме и три патувања. Уште не сме во потребниот ритам и не сме на она ниво на кое знаеме да бидеме. Ни треба време и да бидеме заедно и да тренираме и мислам дека формата ќе оди само нагоре, изјави капитенот.

 

Извор: МИА

Би те интересирало и

Пред 16 години Кометал ЃП стана европски првак (Видео)

На 19 – ти мај во 2002 година во салата на СРК „Кале“ во Скопје ...

Вардарки отпатуваа за Будимпешта по посакуваната титула

  Ракометарките на ЖРК Вардар попладнево отпатуваа за Будимпешта на „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на ...