Вајлдер: Кога си имаш работа со Кличко, ништо не можеш да прогнозираш

Светскиот шампион на ВБЦ во супертешка категорија, Дионтеј Вајлдер, нема точна прогноза за претстојниот меч меѓу Владимир Кличко и Ентони Џошуа. Според Американецот, судирот на лондонскиот стадион „Вембли“ на 29 април ќе биде напнат и непредвидлив – пишува денеска порталот Ipon.

„Ова ќе биде многу тежок дуел, за да се дават прогнози. Паметиме како изгледаше Кличко во борбата против Тајсон Фјури, и како возраста на Украинцот си го  кажа своето нан средбата со Брајант Џенингс. Но, кога си имате работа со боксер како Кличко, никогаш не може да прогнозирате ништо. Знам дека тренира како луд за оваа борба и ако на рингот излезе „најдобриот“ Кличко, Џошуа ќе има сериозни проблеми. Тој знае што да прави и кога да го направи. Во кариерата поминал низ бројни мечеви и боксери со различни стилови. И, ако Џошуа има некаква слабост, тогаш ова е само недостаток на искуство. Ентони заврши огромна работа, предвреме ги освои сите негови битки, но дали е подготвен за Кличко? Не сум сигурен. Се прашувам дали е подготвен за едно навистина елитно ниво? Разумот ми вели – Кличко, но срцето ми е за Џошуа“, изјави Вајлдер.

Тој направи проценка и на моментната состојба на супертешката категорија, која според него стана многу интересна за фановите.

„Потенцијално има можност за организирање на многу големи борби во иднина. Тука се Џозеф Паркер, Луис Ортиз и конечно Дилиен Вајт, кој крена многу врева на мечот со Чисора. Треба да се истакне и враќањето во елитата на Дејвид Хеј. Прекрасно е, што сите зборуваат за нашата категорија. Супертешка категорија доживеа период на недостаток на интерес, таква беше ситуацијата до поразот на Кличко. Мислам дека 2017 година ќе биде година на големи борби“, коментира Вајлдер.

Тој самиот сака по одбраната на неговата титула против Џералд Вошингтон да ги измери силите со Џозеф Паркер, носител на шампионскиот појас на ВБО и да започне процес за обединување на титулите.

„Откако ќе го победам Вошингтон, го сакам Паркер за ривал. Тој го поседува појасот на ВБО, а тоа е нешто кон што се стремам“, рече Американецот.

Дионтеј Вајлдер зборува и за потенцијалната можност за натпревар со Ентони Џошуа.

„Ќе го победам, како и сите мои претходни противници. Не се сомневам дека можам да го нокаутирам секој борец во тешка категорија. Сето тоа е благодарение на Бога, кој ме опреми со особен талент и необична сила. Поседувам и карактер. Подготвен сум да се борам до крај. Не ме возбудува што сте правеле пред или на она што сте способни. Ако се судрите на рингот со човек како мене, ќе се најдете во голема неволја“, изјави со самодоверба Вајлдер.

 

Извор: www.ipon.mk

Додади коментар

Би те интересирало и

„Сандеј Тајмс“: Кралицата Елизабета нема да се повлече за Чарлс да стане регент

Британската кралица Елизабета II нема намера да се повлече од британскиот престол за нејзиниот син, ...

Во Холандија се бара враќање на визите за албанските граѓани

Полицијата и обвинителството во Амстердам бараат од холанската Влада да го врати визниот режим за ...

Close