Венецуела: Изборна победа на социјалистите на Мадуро

Некои и претходно го очекуваа тоа. Регионалните избори нема да ја донесат посакуваната казна за социјалистите на претседателот Мадуро. И така и се случи- барем според официјалните податоци.

Државната изборна комисија на Венецуела објави дека партијата на претседателот Николас Мадуро победи на регионалните избори, но опозицијата одби да ги признае резултатите кои ги смета за наместени.

Според Државната изборна комисија, владејачката партија освои 17 од 23 сојузни држави. Опозицијата, на која истражувањата ѝ предвидуваа победа во меѓу 11 и 18 држави, на крајот освои пет, додека во една од државите според резултатите сѐ уште не е извесно кој ќе биде на власт, рече претседателката на комисијата Тибисај Лусена. Според нејзините зборови, вчерашната излезеност на гласањето изнесувала 61,14 отсто.

„Ова е убедлива победа. Чавизмот победи на изборите со 17 гувернери. Опозицијата доби пет“, рече Мадуро. Тој ја повика опозицијата да ги признае резултатите. „Му испраќам порака на Хулио Борхес, во име на Бога, почитувајте ги јасните резултати“, му порача Мадуро на претседателот на националниот парламент кој е под контрола на опозицијата.

Опозицијата сепак одби да ја признае победата на Мадуро. „Всушност, не признаваме ниту еден резултат. Се наоѓаме во многу тежок момент за нашата земја“, рече шефот на опозициската кампања Херардо Блејд.

Тој рече дека „ни народот во Венецуела ниту светот нема да ги прифатат претставените резултати“. Опозицијата изрази сомневање во податоците на Државната изборна комисија и побара проверка на изборните резултати во сите 23 сојузни држави. Покрај тоа ги Херардо Блејд повика на нови улични протести.

На вчерашното гласање не беше присутен ниту еден странски набљудувач.

Извор: DW

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...