Вечерва премиера на „Клетници“ во прилепскиот театар – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Вечерва премиера на „Клетници“ во прилепскиот театар

Вечерва на својата матична сцена ансамблот на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја изведе третата годинешна премиера преставата „Клетници“ според делото на Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски.

Ова е прво поставување на сцената на еден македонски театар на ова комплексно дело на Иго на 1.900 страници кое отворено зборува за револуција. „Клетници“, е трета и последна премиера на прилепскиот театар одпрограмата финансирана од Министерството за култура за оваа 2017 година.

 

Режисерот Кочовски вели дека станува збор за мега проект со 40 учесници на сцена-целиот ансамбл на прилепскиот театар, гости од други театри и млади актери, кои скоро 3 месеци работеа на претставата за правдата и за човештвото која трае 3 часа.

-Најважните теми во животот се борбата за праведност и љубовта кон човештвото. Кога ова ќе се спои во една претстава станува многу комплицирано, а ретко кој се занимава со овие теми. Кога тоа ќе се спои со ансамблот на прилепскиот театар, се добива комплексно и безвременско уметничко дело, истакна Кочовски споменувајќи ги претставите „Тапани во ноќта“, „Кавкаски круг со креда“, по кои со „Клетници“, се прави обид да се променат нештата, да се пратат сериозни пораки за суштинските вредности.

За преставата свои видувања имаат и актерите Владимир Ѓорѓијоски и Александар Степанулески:

-Оваа престава е многу „голем залак“ и за далеку поголеми ансамбли од нашиот театар. На овие простори „Клетници“ прв пат се поставува. Единствено, ако така може да речам, „не претекна“ ансамблот „Берлинер“ од Берлин. Ние како екипа размислуваме на европски начин и мислиме дека ова дело треба да биде поставено на театарската сцена.Овие престави зреат постепено.Јас сум апсолутно убеден дека имаме направено голема престава која што заедно со пролетта ќе биде таму каде треба да биде. Би сакал да завршам со реченицата-она со кое сите ние се занимаваме, прво во нашите животи, во нашата престава и трето понатаму е:,,Подобро живи да умреме отколку умрени да живееме,,.

Драмскиот текст на делото на Виктор Иго „Клетници“ е на Горјан Милошевски, драматург е Владимир Ѓорѓијоски, костимите, сценографијата и дизајнот на светлото за преставата се на Јулијана Војкова Најман, а по обичај и за ова престава на Кочовски музиката е на групата „Фолтин“.

Не станува збор за класична драматизација на делото, туку  текст и приказна кои ќе прикажат ново гледање на „Клетници“. Драматуршки е интервенирано во секој лик и ситуација, сменети односи меѓу главните и споредните ликови, допишани нови сцени, дијалози, реплики и ставови на ликовите со што се изградени сосема различни свет и приказна за револуционерите со што на јунскиот историски бунт на народот во Париз му се дава знначење на светска и безвременска револуција. Оттука и пораката колку што „Клетници“, на прилепскиот театарот ќе биде претстава за човечките турбулентни, стрмоглави приказни издигнати на сеопшто животно рамниште толку и ќе биде перископ со општествено-политички фокус и ангажман. Ни текстот, ни претставата нема да го променат светот, но ќе разбудат нови ѕвезди во менталната слика кај луѓето кои треба да осветлат скриени, заборавени, неоткриени парчиња и сфаќања за многу суштински нешта и ќе побудат свежи ставови и експлозија од емоции кои нема да остават никого рамнодушен.

Автор: Петар Димоски

Би те интересирало и

Денеска Православните верници го слават Богојавление – Водици

равославните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици кој се празнува уште од вториот ...

Одбележани 112 години од раѓањето на етномузикологот Васил Хаџиманов

Васил Хаџиманов е еден од најголемите и најупорните македонски истражувачи од областа на етномузикологијата, мелографијата и ...