Владата ќе го преземе управувањето со колекторот во Охрид

Премиерот Зоран Заев вчера доцна попладне имал одделни повеќечасовни средби со в.д. градоначалникот на Општина Струга, Мустафа Забзуни и со градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, во придружба на нивните најблиски соработници. На средбите, на кои присуствувал и министерот за финансии Драган Тевдовски, градоначалниците на Струга и Охрид изразиле голема благодарност до премиерот Заев што ги поканил за да разговараат и да најдат решенија за проблемите со кои се соочуваат овие два града.

Двете општини се соочуваат со хронично блокирани сметки, заради долговите создадени од повеќе причини, но во најголем дел поради кумулираните обврски од ненавременото подмирување на кредитот од Европската банка за обнова и развој. Кредитот во 1998 година го договори тогашното Министерство за трговија за изградбата на колекторот за прочистување на Охридското Езеро, а потоа отплатата на овој кредит им го префрли на општините. Градоначалниците и премиерот Заев разгледале повеќе опции како да се излезе од оваа ситуација и да се најдат решенија што ќе бидат трајни и нема да создаваат последици за нови задолжувања. Премиерот изразил подготвеност овие проблеми да се решат многу бргу за да можат двете општини да се растоварат од ова прашање и без финансиски хипотеки да ги спроведуваат развојните политики за кои и двата града имаат сериозни потенцијали.

Премиерот Заев исто така ја најавил подготвеноста на владата управувањето на колекторот за прочистување на Охридското Езеро да биде изземено од надлежноста на општините бидејки, како што нагласил, грижата за ова природно богатство заштитено со УНЕСКО повеќе не смее да биде препуштена на ризиците од загадување. Покрај тоа, едно такво решение ќе го олесни работењето на општините Струга и Охрид. Премиерот соопштил дека ќе биде подготвен детален проект за негова реконструкција и доградба, заради трајна заштита на водите на Охридското Езеро.

Градоначалникот на Охрид, Бакрачевски, изразувајки ја уште еднаш неговата благодарност за исклучително конструктивната поддршка и разбирање на премиерот Заев, замолил за помош од владата околу регионалната депонија за отпад, нешто за што била заинтересирана и општинската делегација од Струга. Заев рекол дека ова прашање е од врвен приоритет и е од интерес на граѓаните, најавувајќи први интервентни и краткорочни мерки како прва фаза од трајното решавање на овој проблем, за кој владата интензивно барала најдобра солуција, не само за Охрид и Струга, туку за сите плански региони.

Премиерот Заев им порачал на двете делегации на општините Струга и Охрид дека вратите на Владата се отворени за нив, како и за сите други општини и дека во прв план на актуелната влада е интересот и решавањето на проблемите на граѓаните во сите општини, без разлика која политичка партија е на чело на локалната самоуправа.

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...