Влада на „stand by“, стопанство на „оff“, тензии на „on“

Тензиите и инцидентите растат, стопанството е на машини за реанимација, а долгото „размислување“ на ДУИ кај аналитичарите буди сомнеж за скриена агенда во корист на интересите на власта. Преговорите губат секаква смисла ако не се знаат оптималните рокови во кои тие еднаш мора да завршат. Ова е главната реакција во политички и бизнис кругови поради бавноста во процесот за формирање влада, за што предуслов е СДСМ да добие потписи од најмалку 61 пратеник, за да го добие мандатот. Но, долгата неизвесност целосно го убива стопанството, алармираат од бизнис заедницата.

„Стопанството во овој момент е на машини за реанимација и тешко ќе може да издржи уште долго, освен ако не се најде заедничко решение или начин за функционирање на институциите“, изјави вчера претседателката на Сојузот на стопанските комори (ССК) Данела Арсовска.

„Буквално, не можеме да предвидиме уште колку време ќе може да се опстои под овие услови како сегашните. Ситуацијата е многу деликатна“, вели Арсовска.

Додека преговорите за состав на влада се на „stand by“, стопанските и сите активности во Македонија се на „off“, а тензиите и неизвесноста на „on“. Конститутивната седница на Собранието се уште не е завршена, и натаму функционира техничка влада во која министри се и актуелни пратеници – што е незаконско двојство на функции, а ДУИ и натаму го држи во свои раце командниот пулт на можната разрешница.

Македонија има време за чекање!

Политички аналитичари ваквото тактизирање го оценуваат како купување време, погодно за продуцирање тензии. Последна меѓу нив е вчерашната физичка пресметка меѓу две поголеми групи, за која полицијата денеска треба да соопшти дали е мотивирана од навивачки искри по фудбалскиот натпревар меѓу „Вардар“ и „Шкупи“, или од други мотиви. Ден претходно, пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, како што лично соопшти, во кафуле бил вербално и физички нападнат со удар во пределот на главата, од обезбедувањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Случајот го пријавив во полиција. Дополнително скандалозно е што полицаецот пред кој ја давав изјавата, не сакаше во извештајот да го напише името на Сашо Мијалков, иако се работи за моја изјава пред полиција, на што имам право како граѓанин. Барам МВР веднаш да отвори истрага и да го расветли случајот. Насилниците мора да одговараат, независно чии луѓе се“, изјави Зекири.

Ваквите настани го зголемуваат сомнежот дека одолговлекувањето на преговорите меѓу партиите не е случајно, туку со скриена агенда.

„Не треба да се брза. Македонија има време за чекање пред да се распадне“, иронизира професорот Ѓорги Спасов, осврнувајќи се на последните настани.

„Додека во ДУИ сериозно се разгледува и созрева одлуката за формирање влада, треба да се остави доволно време за: Мухамед Зекири или некој од новите пратеници да биде натепан или онеспособен. Да се случат уште неколку тепачки меѓу навивачите на ‘Вардар’ и ‘Шкупи’. Советот за јавни обвинители да му го врати предметот ‘Пуч’ на Зврлевски и пак да му се суди на Заев. Инспекциските служби да откријат тешки криминали во работењето на Теута Арифи и Невзат Бејта. Бизнисот и корупцијата да си се одвиваат без проблем. Американците да изгубат интерес за формирање влада. А Хан да дојде уште неколку пати со нови идеи кои ќе ги толкуваме по неговото заминување“, реагира Спасов на ФБ.

Преговори – земи или остави!

И додека во јавноста има отворени негодувања, без конкретни резултати продолжува пинг-понг партијата меѓу СДСМ и ДУИ за усогласување на предлозите за употреба на албанскиот јазик. Од СДСМ вчера доставиле одговор до ДУИ, но не откриваат што содржат забелешките, на кои во изминатите денови била посветена работната група во која учествуваат Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Рената Дескоска и повеќе експерти. Според извори од преговарачкиот процес, биле надминати најголемите разлики во однос на барањата на ДУИ, а мал дел остануваат за усогласување. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев претходно потенцираше дека за СДСМ „е прифатливо сѐ што е во рамките на Уставот и сѐ што претставува практична потреба на граѓаните од албанската заедница, имајќи ја предвид и потребата на граѓаните и од другите малцински заедници“.

„Тоа ја претставува рамката на разговорите и јас верувам дека ќе успееме да изнајдеме решение“, рече Заев.

Од ДУИ тврдат дека нивниот предог не е во спротивност со Уставот.

„Ниту еден член од предлогот на ДУИ за двојазичноста не излегува од рамките на Уставот. И тој закон не претставува почетна позиција за преговори, туку услов без кој не може, така што не може воопшто да се разговара за какво било менување на текстот. Тој може квалитативно да се надополни, но никако да се стесни во која било форма“, изјави портпаролот на ДУИ Бујар Османи.

Неизвесни и локалните избори

Од ДУИ не го коментираат незадоволството во јавноста од фактот што преговорите се најмногу посветени на употребата на албанскиот јазик, додека во земјата се замрени сите клучни активности. Од друга страна, доцнењето во процесот за состав на влада може да ги доведе во прашање и локалните избори, за кои рокот за распишување е 70 до 90 дена пред нивното одржување. Тие треба да се одржат во првата половина на мај (на 7-ми или на 14-ти), што значи дека роковите за нивно распишување истекуваат на крајот од февруари, односно во првата недела од март. Овие рокови засега изгледаат недостижни, ако се има предвид дека и сегашниов процес може дополнително да заглави со нови епизоди. Особено, откако по завчерашната средба со Али Ахмети, Зијадин Села од Алијансата за Албанците најави дека ќе се формира тело кое треба да напише предлог-закон за јазиците.

„Во рок од три дена албанските политички партии треба да предложат по двајца претставници во телото, за да изработиме правилник за функционирањето. Во иднина овие средби би требало да се држат во Собранието. Ова тело ќе предложи закон за употреба на албанскиот јазик“, изјави Села и ги повика сите партии на Албанците да учествуваат на идната средба.

Извор: DW

Додади коментар

Би те интересирало и

Денеска се одржува 31 -то издание на Охридскиот пливачки маратон

Денеска во Охрид се одржува 31. Издание на Охридскиот пливачки маратон. Настанот почнува во 12 ...

Половина час мештаните од Порој и Џепчиште го блокираа регионалниот пат Тетово – Јажинце

Половина час мештаниите од Порој и Џепчиште го блокираа регионалниот пат Тетово – Јажинце, револтирани ...

Close