ВМРО-ДПМНЕ се мобилизира во пресрет на објавата на новата владина коалиција

ВМРО-ДПМНЕ ќе стори сѐ да ја одбрани волјата на мнозинството граѓани, рече директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, коментирајќи ги информациите дека Демократската унија за интеграции (ДУИ) е спремна да ги даде потписите на СДСМ за добивање мандат за формирање влада.

Прашан што значи терминот дефакторизација, кој го лансираше синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Котевски одговара дека тоа значи заобиколување на волјата на мнозинството ѓраѓани кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ.

– Тоа значеше дека мнозинството Македонци гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Со самото тоа што се прави коалиција во која што се заобиколува мнозинството Македонци се прави обид да се заобиколи мнозинството и тоа да не биде фактор – објасни за Плусинфо, Котевски.

На прашањето дали гласовите дадени за опозицијата значи дека тие не се фактор, Котевски одговара: „Се, ама за кого гласаа?“

– Доколку паметите, во 2006 ВМРО-ДПМНЕ ја одбра ДПА за коалициски партнер. Главниот проблем беше зошто не е одбрана ДУИ. Имаше и бојкот и протести и меѓународната заедница се вклучи. Главниот аргумент беше дека се заобиколувала волјата на мнозинството Албанци, затоа што ДУИ беше победник во албанскиот блок, и дека доколку продолжи да се заобиколува волјата на мнозинството Албанци, дека тогаш се губи мотивот зошто Албанците оделе на избори, и дека немале потреба од повеќе албански партии доколку мнозинскиот македонски партнер одлучува кој да влезе. Сега се прави обратно. Тоа е дефакторизацијата. Мнозинството Македонци гласаа за ДПМНЕ. ДПМНЕ победи на изборите – вели тој.

Синоќа Груевски укажа синоќа дека „секој којшто сака да се коцка со државните и националните интереси дека во оваа држава има и други кои мислат на тие интереси и коишто се подготвени да се борат за тие државни и национални интереси“.

На прашањето дали оваа изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е повик за изразување незадоволство и протести, Котевски без конкретен одговор, но јасно нагласи дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе стори сѐ за да ја одбрани волјата на мнозинството граѓани“.

– ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу гласови и победи на изборите и има најмногу пратеници. ДУИ не победи, не победи ни СДСМ. Граѓаните масовно дадоа поддршка на ДПМНЕ, и ВМРО има обврска да ги почитува и да ги одбрани интересите на 455.000 граѓани. Ако тие 455.000 не се за редефинирањее на Македонија, ДПМНЕ ќе ја брани нивната волја. Најконкретно ВМРО-ДПМНЕ ќе ја брани волјата на народот – изјави Котевски.

Утрово партијата преку соопштение ги повтори истите ставови.

„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе стоjат цврсто во било која ситуација на бедемот на одбраната на државните и националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи дефакторизација на македонскиот народ и на другите етнички заедници кои живеат во Македонија. Она што го најавувавме за време на целата предизборна кампања, сега го гледаат сите. СДСМ се обидува самата со себе да се натпреварува во проширувањето на понудата кон албанските партии за да дојде на власт по секоја цена. СДСМ е цврсто влезена со намера за редефинирање на Република Македонија. СДСМ за оваа своја цел планира да го крши Уставот на Република Македонија. Тоа нема да го дозволиме“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, како што наведува, го потсетува СДСМ и „секој друг кој што сака да се коцка со државните и националните интереси дека во Република Македонија има и други кои мислат на тие интереси и кои што се подготвени да се борат за нив.“

„Наша историска и идеолошка определба, но и мандат даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и националните интереси во било која форма и во било која ситуација“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Преземено од: ПлусИнфо

Би те интересирало и

Високо загадување на воздухот во повеќе градови

Утринава е регистрирано високо загадување на воздухот во повеќе градови во Македонија. Мерните станици утрово во ...

Македонија и Бугарија потпишаа аранжман за соработка за обука на возачи и механичари на тенк Т-72

Министрите за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска и на Бугарија, Красимир Каракачанов, вчера во рамките ...