ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира на 2 јуни пред Владата – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира на 2 јуни пред Владата

ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни во Скопје пред Владата на Република Македонија ќе организира народен протест, синоќа по седницата на Централниот комитет на партијата најави претседателот Христијан Мицкоски.

– На седницата на Извршниот Комитет и  на седницата на Централниот Комитет ја разгледувавме актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија, ги разгледувавме актуелните теми што живот значат за граѓаните во Република Македонија. Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе почне со организирање на еден огромен народен протест што ќе се случи на 2 јуни, во 20 часот, пред Владата на Република Македонија, изјави синоќа Мицкоски.

Ги повика сите оние, како што рече, добронамерници, сите оние обесправени, сите оние разочарани, сите оние излажани од страна на Зоран Заев и политичарите околу Зоран Заев.

– Ги поканувам да ни се придружат да застанат рамо до рамо со нас, да тргнеме во офанзива, да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада, што и се случува на нашата татковина, истакна Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со организирање лидерска средба за името, Мицкоски рече дека биле прилично јасни во нивниот став дека за вака сериозни прашања одговорни политичари, државници кои и мислат  добро на својата татковина, логично е да отворат фронт на консултација со што е можно поголем број на целни групи.

– Цениме и сигурни сме дека лидерска средба во присуство на претседателот на државата ќе биде од огромно значење и можеше да биде и поддршка во целокупниот овој процес за надминување на проблемите околу нашето уставно име што го има нашиот јужен сосед, и ценам дека одбивањето е чин на голема неодговорност, покажување пркос, на лажни основи, покажување непочит кон македонскиот народ, непочит на оние луѓе кои ги гласале тие политичари, без разлика дали станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, другите парламентарни партии, претседателот на државата, но и непочит кон сите останати институции во оваа држава, од кои може да се научи како што е МАНУ, универзитетски професори, уметници итн, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што додаде, Мицкоски ја искористи приликата да му одговори на премиерот на поканата за тет а тет средба и посочи дека може да ја прифати, но место во кабинетот на премиерот го повика да се соочат на телевизија, пред граѓаните на Република Македонија.

– Да дискутираме за ова прашање, да може тој да ги информира граѓаните Република Македонија, за тоа како преговара, за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто, потенцира Мицкоски.

Во врска со одржување лидерска средба рече дека до овој момент не е поканет и оти нема никакви информации за евентуална лидерска средба во петок.

– Јас како што знам во петок, во Охрид, сум поканет во 7 и 30 часот на завршна вечера што е дел од таканаречениот „Процес Жан Моне“ што ќе се случува во Охрид, на наше инсистирање во Брисел, но и при посетите на евро- тројката во Република Македонија. Така што, не знам зошто во јавноста проструи таква дезинформација, но имајќи предвид од кои кругови доаѓа и за очекување е една таква дезинформација. Не станува збор, ако мислите на тој настан, за евентуална лидерска средба, напротив станува збор за една завршна вечера на која што ќе присуствувам, што ќе биде во времетраење претпоставувам не подолго од еден час и каде што повеќе или помалку ќе дискутираме за формални работи, а не за суштински, рече Мицкоски.

Би те интересирало и

Промовирана Стратегијата за образование: Целосна реформација на образовниот систем до 2025 година

Целосно реформирање на македонскиот образовен систем во следните седум години – ова е целта на ...

25 години ФООМ:Отвореното општество во Македонија исправено пред предизвици кои треба да ги надмине

  Македонското општество од една фаза на децениско перманентно затворање, почнува да се отвора и ...