Водоснабдувањето и инфратсруктурата први приритети на новиот градоначалник на Прилеп Јованоски

Веднаш по стапувањето на функцијата новиот градоначалник на Прилеп Илија Јованоски ги најави своите први два приоритети на кои што како што рече ќе се стави акцент.

-Уште отсега може да кажам дека водоснабдувањето е прв приоритет за граѓаните на Прилеп и околните населени места. Втор приоритет е инфратсруктурата-оние патишта улици кои не се асфалтирани. Во наредните 4 години на моето владеење ниедна улица нема да остане без асфалт во Прилеп. Сите граѓани ќе добијат адекватен пристап до своите домови, до своите училишта, до сите места во градот.

Најави транспарентност и отчетност во работата, принципи кои ќе ги бара од сите надолу во хиерархијата под негова ингеренција:

-Ќе работам транспарентно, посветено и отчетно. Тоа ќе го барам и од моите соработници и од сите директори, началници, раководители, шефови…Сите да бидат на максимално задоволително ниво со својата работа. Нема да дозволам никој да работи поинаку од она како јас ќе работам.

Јованоски на првиот ден по стапувањето на функцијата одржа средба со преставници на граѓанските здруженија и занаетчии, како и со граѓани кои ќе го сочинуваат т.н. Граѓанскиот парламент. Ова своевидно советодавно тело ќе ја има функцијада на средбите кои би се одржувале еднаш месечно, да предлага, а општината да ги разгледува идеите и решенијата за решавање на одредени проблеми на градот со цел подобрување на условите за сите граѓани:

-Сите заеднички ќе го кроиме буџетот на Локалната Самоуправа за секоја следна година. Сите заедно ќе ги одредуваме приоритетите што треба да направиме и сите заедно ќе го даваме отчетот. Тоа е формално, отчетот го давам јас но во името на сите граѓани на Прилеп.

За понеделник напладне во големата собраниска сала е закажана конститутивната седница на Советот на Општина Прилеп на која ќе бидат верификувани мандатите на 27-те избрани советници. Во новиот состав на Советот СДСМ и коалицијата ќе го имаат мнозинството со 15, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 12 советници ќе биде опозиција. На седницата ќе биде избран и новиот претседател на Советот, а тоа со сигурност ќе биде носителот на советничката листа на коалицијата предводена од СДСМ Миле Талески, кој ја извршуваше советничката функција и во претходниот состав на општинскиот Совет.

Петар Димоски

Би те интересирало и

Луиза Винтон: Една од три жени изложена на некаква форма на насилство

Една од три жени или девојчиња е изложена на одреден облик на насилство во глобални ...

Револтирани работници реагираа пред капиите на Фени: Сметаат дека им се пласираат лажни информации

Револтирани работници денеска реагираа  пред капиите на Фени дека им се пласираат лажни информации од ...