Во Солун квадрилатерална средба на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија

Безбедносната соработка, прекуграничната соработка, енергетското поврзување, се дел од темите на кои ќе се осврнат министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, Никола Димитров, Никос Коѕијас, Дитмир Бушати и Екатерина Захариева, на квадрилатералната средба денеска и утре во Солун.

Средбата се одржува на иницијатива на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас.

Ова е втора средба во ваков формат, во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и трансграничната соработка меѓу соседните земји од јужниот дел на Балканот. Настанот ќе биде со поширок дневен ред и претставува продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од овие три земји за време на Генералното собрание на ОН од 18 до 22 септември во Њујорк.

Целта на дипломатската средба е да биде потврдена институционалната соработка меѓу четирите земји, кои треба да решаваат безбедносни прашања и да се борат против екстремизмот, тероризмот и радикализација. Истовремено, овие земји беа соочени и со голема бегалска и мигрантска криза, чии последици се уште ги чувствуваат.

Поради тоа, министрите ќе ги разгледаат можностите за подготвување заедничка позиција при решавање на тие прашања врз основа на европските вредности и добрососедските односи.

Во делегациите се вклучени и министрите за внатрешни работи и за енергетика, односно економија на четирите земји.

Димитров претходно оваа недела изјави дека не очекува оти земјите од регионот, поточно Албанија и Бугарија, ќе бидат посредници во решавањето на спорот за името со Грција. Тој посочи дека спорот е билатрално прашање и оти ќе се решава меѓу двете земји со посредство на Обединетите нации, односно нивниот медијатор Метју Нимиц.

Тој истакна дека очекува на маргините на квадрилатералната средба да има и билатералка со Коѕијас.

Согласно програмата министрите денеска ќе имаат работна вечера.

Работниот дел од средбата ќе се одржи утре, а состанокот ќе го отвори министерот за надворешни работи на Грција, Коѕијас. Следуваат поединечни состаноци на министрите за внатрешни работи, министрите за енергетика, а од кај нас министерот за економија, а потоа и на министрите за надворешни работи.

Би те интересирало и

Вељаноски до неговите колеги: Се доведуваме во незавидна состојба да ги искинеме нашите универзитетски дипломи

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, испрати отворено писмо до неговите колеги во кое укажува ...

Високо загадување на воздухот во повеќе градови

Утринава е регистрирано високо загадување на воздухот во повеќе градови во Македонија. Мерните станици утрово во ...