Вработените во МПМ го радикализираат штрајкот

Фото: СДК.МК

Штрајкувачките одбори на редакциите „Вест“, „Утрински“ и „Дневник“ од утре наместо по четири, ќе штрајкуваат по шест часа  поради игнорантскиот однос на менаџментот на Медиа принт Македонија (МПМ), кој иако уредно информиран, со недели не покажа интерес за средба со синдикалните претставници – соопшти независниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

-Утре, 21 февруари 2017 година, ќе излезе 5.000. број на дневниот весник „Вест“. Жално е што редакцијата ќе го подготвува ова јубилејно издание од позиција на штрајк. Во претходните денови наместо разговор за решавање на проблемите, се засилија притисоците врз медиумските работници со телефонски јавувања и со закани со отпуштања и со казнувања – велат од Синдикатот во денешното соопштение.

Според ССНМ, за притисоците врз новинарите што штрајкуваат ќе бидат информирани сите релевантни меѓународни институции, потсетувајќи дека правото на штрајк е уставно гарантирано право и е дел од цивилизациските придобивки на демократскиот свет.

-Решителноста на новинарите и на медиумските работници во изданијата на МПМ не се намалува. Преку одбрана на нивните колективни права, тие застануваат во одбрана и на демократскиот интегритет на професијата – стои во соопштението.

Штрајкот почна на 17 февруари и е прв синдикално организиран штрајк на новинари и медиумски работници од осамостојувањето до денес. Истио тој ден кога почна штрајкот, во МПМ влегоа истражители на СЈО во, како што рекоа, предистражна постапка поврзана со наоди од прислушуваните разговори.

Сопственик на МПМ до 16 февруари беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на најбогатиот Македонец Јордан (Орце) Камчев, фирмата Мирекс на Срѓан Керим, кој лани беше македонски кандидат за Генерален секретар на Обединети нации и Интернет инвестмент груп, која до пред неколку месеци беше во сопственост на српскиот биснисмен Веселин Јевросимовиќ, а сега нејзината сопственост е нејасна. На 16 февруари, Интернет инвестмент груп и Орка Холдинг соопштија дека ги продале своите удели во ГЦС за номинална вредност, но не кажаа кој е новиот сопственик. Управител на МПМ е Јана Станисављева.

Би те интересирало и

Случај Труст: На денешното рочиште дојде и вториот сведок

Во 12.30 треба да продолжи денешното судско рочиште за случајот ,,Труст“ на СЈО. Целата вест ...

Голема акција за чистење на Скопје

Со цел да се намали загаденоста во главниот град, градските власти од општина Бутел ја ...