Германија ги легализираше истополовите бракови, Меркел „против“

Хомосексуалните парови ќе можат да склучуваат брак и да посвојуваат деца, одлучи со мнозинство гласови германскиот парламент. Канцеларката Меркел гласаше против, но рече дека ќе ја почитува одлуката.

По долгогодишно спротивставување на конзервативците и остра дебата во Бундестагот, германските парламентарци изгласаа легализирање на истополовите бракови. Со 393 гласа „За“ и 226 „против“ германскиот парламент се изјасни во прилог на одлуката која предизвикуваше големи дебати и поларизација на општеството.

Одлуката, која многумина во Германија ја прогласија за историска, е резултат на политичката пресметка на канцеларката Ангела Меркел и нејзината ЦДУ. На неколку месеци пред парламентарните избори, притисната од ставот на сите останати водечки политички партии дека нема да коалицираат со демохристијаните доколку не прифатат признавање на хомосексуалните бракови, Меркел мораше да попушти. Канцеларката одлучи да ги остави пратениците од нејзината партија да се изјаснат согласно нивната совест. Инаку Меркел гласаше против признавањето на истополните бракови, но рече дека ќе го почитува мислењето на мнозинството. По гласањето таа изјави дека прашањето за неа било емоционално и дека останува на ставот оти бракот се дефинира како „брак меѓу маж и жена“.
Ваквиот исход Меркел го најави на настан одржан на почетокот на неделата и веднаш предизвика бура во јавноста. На манифестацијата која во Берлин ја организираше женското списание „Бригите“, Меркел изјави дека посакува дискусија која ќе оди „во насока на донесување одлука според сопствена совест“.

Денешното гласање е резултат и на големиот притисок кој социјалдемократите го извршија врз канцеларката. Имено, по промената на ставот на Меркел тие инсистираа гласањето да се одржи веднаш, а не по изборите како што планираше таа. Лидерот на Социјалдемократите Мартин Шулц, чекорот го оцени како крај на дискриминацијата за многу Германци.

Од 2001 година во Германија е дозволено ткн. регистрирано партнерство, но признавањето на истополниот брак оди чекор понатаму и им овозможува на хомосексуалните парови исти права како и на хетеросексуалците, меѓудругото и да посвојуваат деца. Германија е меѓу последните држави во западна Европа која го легализира истополовиот брак.

Извор: DW

Би те интересирало и

Студенти подготвуваат универзитетски штрајк во Каталонија

Каталонските студенти повикаа в четврток да се организира универзитетски штрајк, со кој се надеваат дека ...

Каталонскиот парламент в четврток ќе ги разгледува идните чекори во врска со членот 155

Каталонскиот парламент ќе одржи пленарна седница в четврток претпладне, на која ќе донесе решение како ...