Германија е подготвена да плати за посилна Европа – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Германија е подготвена да плати за посилна Европа

Коалицискиот договор на идната германска влада, вчера (12.03.) официјално потпишан во Берлин, се занимава со Европа како ниеден досега. Во него се предвидени и реформи на ЕУ – но пречките се огромни.Толкаво ангажирање за Европа ретко се гледа денес во некоја владина програма. Тоа го покажува и самиот наслов на Коалициониот договор на идната германска сојузна влада на ЦДУ, ЦСУ и СПД: „Нов поттик за Европа“. Иако деталите воглавно остануваат недоречени, во Договорот сепак се воочува големо одушевување за Европа.

Новата влада сака генерално да ја зајакне ЕУ и, заедно со Франција, да ја реформира – првенствено еврозоната. Таа се залага за нов инвестициски буџет за еврозоната, а тоа е проект за кој во повеќе наврати се залагаше францускиот претседател Емануел Макрон. Европскиот механизам за стабилност (ЕМС) би требало, според желбата на германската коалиција, да биде претворен во вистински Европски монетарен фонд кој на државите-членки би им помагал во случај да западнат во тешкотии, а контролата над него би требало да ја има Европскиот парламент. Тука е запишано и едно изненадувачко ветување: „Спремни сме и на тоа Германија да уплатува поголем износ во буџетот на ЕУ.“ Во задината на тоа е фактот дека, по излезот на Велика Британија од ЕУ, би недостигала една голема земја која во европскиот буџет би уплаќала повеќе отколку што би добивала од него. Германија е подготвена да покрие дел од дупката која настанува со Брегзит.

Европската комисија, сосем разбирливо, е одушевена од овој снажен европски дух на новата германска влада, а одушевени се и бројни пратеници во Европскиот парламент. Шефот на пратеничката група на Европската народна партија, Манфред Вебер преку Твитер порача: „Тоа е јасен европски потфат и одговор кон популистите.“ Неговиот социјалдемократски колега Џо Лајнен изјави за германското радио Дојчландфунк: „Европското обединување е една од последните визии кои ги имаме во политиката…Поглавјето за Европа е порака навнатре, но и порака кон партнерите дека на Германија може да се смета во позитивен смисол.“

„Унија на трансфери и долгови?“

Европските амбиции не наидуваат секаде на одобрување, посебно се критикува финансискиот ангажман на Германија. Политичари од германските Либерали, ФДП и од Алтернатива за Германија, АфД, и на национално ниво и во Европскиот парламент, исто како и некои членови на ЦДУ, предупредуваат на опасноста од формирање „унија на трансфери и долгови“, однос дека Германија ќе мора да плаќа туѓи долгови. Експертот на Либералите за економија, Волф Клинц изјави дека германската владејачка коалиција, со зголемување на уплатите во буџетот на ЕУ, се претвора во „соучесник во криминалните работи на левичарската влада во Грција.“ Клинц стравува од тоа дека Германија, која со години е сметана за пример со одговорното однесување кон државните финансии, во иднина ќе ги плаќа долговите на другите во Европската унија.

Уште поостра е критиката на Клеменс Фуест од Минхенскиот економски институт Ифо. Тој смета дека поглавјето на Коалициониот договор за Европа е „катастрофално“, зашто Германија е спремна да плаќа повеќе, а за тоа не бара никакви противуслуги. Тоа е, вели тој,„неверојатно лекомислено и непромислено.“ Финансиски послабите земји на ваков начин се охрабруваат својот товар да го префрлаат на Германија, смета Фусет, а планираниот европски инвестициски буџет за него е нешто непотребно, зашто одделни држави можат сами да инвестираат. „Оваа програма може да се фрли во канта за ѓубре и да се прави нова“, потенцира Фуест.

Преголема ориентација кон Франција

Проблематично се чини и тоа што идната германска влада во европската политика се потпира само на германско-француска соработка. Без неа, точно е, ништо не би функционирало, согласни се стручњаците, но Германија и Франција не можат ништо да постигнат без приклучување на другите земји. А соработката на ниво на цела ЕУ моментно не функционира добро.

Уште и самата идеја на Макрон за воведување функција министер за финансии на еврозоната и зголемување на буџетот не наиде на одобрување, не само во делови од германската политика, туку и во Австрија, Холандија, па и трите нордиски членки на ЕУ. Тука се и нерешените судири во самата ЕУ околу миграциите и распределбата на бегалците. Првенствено источноевропските држави се противат на распределба на бегалци според квоти, иако одлуката за тоа е донесена на ниво на Унијата, на што Меркел постојано укажува и што е потенцирано и во Коалицискиот договор.

Извор: DW

Би те интересирало и

Лозарите ќе ги добијат парите за предаденото грозје во Повардарие најдоцна до 15-тти јуни, соопштија од винаријата

Винарската визба Повардарие Неготино која на лозарите им должи пари за предаденото грозје за 2015 ...

Минстрој бара впаричување на кавадаречки Фени, а комбинатот веќе три месеци извезува

Адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ, застапници на бугарски Минстрој, побараа запирање на стечајот за кавадаречки ...