Гибралтар првпат ќе заигра дома на мечот со Македонија? – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Гибралтар првпат ќе заигра дома на мечот со Македонија?

Македонската фудбалска репрезентација првиот натпревар во Лигата на нациите (ЛН), група 4, лига Д, треба да го одигра на 6 септември на гости против Гибралтар. Три дена подоцна, на 9 септември, на првиот домашен натпревар Македонија ја пречекува Ерменија.

Потоа, на 13 октомври, во Македонија го пречекува Лихтенштајн, а три дена подоцна, на 16 октомври треба да ѝ гостува на Ерменија. Последните два натпревара во групата се на 16 и на 19 ноември, прво е реваншот во Лихтенштајн, а потоа Македонија го пречекува Гибралтар.

Првопласираната селекција во оваа, како и од преостанатите три групи во лигата Д, ќе се пласира во повисок ранг, во лигата Ц. Покрај тоа, четирите најдобри во лигата Д, во плејофот во март 2020 година ќе разигруваат за пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.

Гибралтар репрезентативните натпревари во квалификациите за ЕП 2016 и за СП 2018 година ги играше на неутрален терен на југот од Португалија, на стадионот на Алгарве, во Фаро-Лул, кој е со капацитет од 30.000 места и изграден во 2003-та, пред ЕП 2004 што се одржа во Португалија. На тој стадион минатата есен, на 10 октомври, во квалификациски натпревар за ЕП 2019, Гибралтар ја пречека репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година, и неочекувано славеше со 1-0.

Но Фудбалската асоцијација (ФА) на Гибралтар, планира во иднина натпреварите на репрезентацијата да ги игра на домашен терен, на реновираниот стадион „Викторија“. Во таа насока лани пролетта ФА и Владата на Гибралтар се договориле за реконструкција на стадионот што ќе биде со капацитет од 8.000 места (сега собира 2.500), ќе биде според стандардите на УЕФА и на ФИФА. Зимава на него беше израмнета подлогата, а деновиве во тек се работите на замената на вештачката трева што би требало да биде завршено до 1 февруари, до почетокот на домашниот шампионат.

Ерменија репрезентативните натпревари ги игра на Републиканскиот стадион во Ереван, кој е со капацитет од 14.400 места. Тој е изграден во 1935 година, потоа неколкупати е реконструиран, последен пат во 2008 година. Селекцијата на Лихтенштајн, пак, го има стадионот „Рајнпарк“ во Вадуц, кој е со капацитет од 7.500 места, а е изграден во 1998 година.

Преземено од: НоваМакедонија

Би те интересирало и

Ренова и Силекс ремизираа без голови во Тетово

Ренова и Силекс одиграа без голови во првиот натпревар од 20. коло во Првата македонска ...

Ѓорѓиоски: Лани остваривме многу, плодовите допрва ќе ги собираме

Фудбалската федерација на Македонија во Скопје го одржа Редовното годишно собрание на кое беа присутни ...