Годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ

Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ под мотото „Движиме“ синоќа во Античкиот театар во Охрид ја одржа 26. Годишна конференција. Лидерот на партијата, Никола Груевски пред присутните нагласи дека УМС е еден од клучните столбови на ВМРО – ДПМНЕ, а преку партијата низ годините и во државата.

„Секогаш активна, храбра, подготвена, расадник на кадри, УМС низ годините само потврдуваше дека ВМРО – ДПМНЕ и Македонија имаат иднина, имаат сила, енергија, потенцијал и луѓе на кои во иднина државата и народот ќе може да се потпре“, рече Груевски. Тој додаде дека секогаш кога ВМРО – ДПМНЕ ја водела Македонија, илјадници млади докажале со труд, работа и резултати како се сака Македонија.

Дел од младите, оцени тој, не добиле шанса да се вклучат и придонесат, но, додаде дека секој кој има желба и знаење и е подготвен за работа, ќе ја има таа можност, како што рече, по повторното враќање на ВМРО – ДПМНЕ на власт во Република Македонија кое, според него, ќе се случи брзо.

„Дотогаш, ќе ги зацврстиме и збиеме нашите редови, ќе се преброиме и прочистиме и ќе го изанализираме нашето работење и нашите пропусти и грешки, но и нашите добри политики и исправни одлуки кои треба да продолжат, ќе развиеме нови идеи и програми за развој на Македонија, ќе продолжиме да се бориме за Македонија и за подобар живот во неа и од сегашната позиција и повторно со победа ќе се вратиме на чело на државата и ќе ја предводиме Макеоднија напред“, порача Груевски.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ се осврна и на ветувањата на владејачката СДСМ за отворање на нови работни места, изградба на 500 километри автопати, департизација на администрацијата, повисоки плати на лекарите и просечна плата од 500 евра… Иако, според него, времето на владеење на СДСМ е само 40 дена, потсети на реализираните проекти во тој период кога ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт во 2006 година, меѓу кои ги спомена намалувањето на ДДВ-то за земјоделците, за јавен превоз, лекови…, воведување субвенции за земјоделците, рамен данок, најниски даноци во Европа, а потоа и во светот… Тој забележа дека во изминатите 40 дена политичките опоненти оствариле 80 средби со амбасадори, кои, како што оцени, не се лоша работа, но не може Владата да се сведе само на тоа.

Во однос на договорот за добрососедство со Бугарија, Груевски забележа дека власта не информирала ништо за што станува збор, како и за посетата на Грција, по која кажале дека земјата бара работи, кои не сакаат да ги соопштат пред граѓаните, а спорот за името дека ќе го решаваат по локалните избори.

Забележа и за појавувањето на премиерот Зоран Заев на отворањето нови фабрики, кои според него, ги донела владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ. – Нема да се изненадам ако во вторник Заев се појави во Прилеп на камен темелник на нова фабрика од Германија за производство на производи за кујна, кафемати и слично, која само во првата фаза ќе отвори околу 1.000 нови работни места, а во следнитедве фази ќе стигне до 3.000 вработени, и која министерот од владата на ВМРО Бил Павлески ја донесе, и заедно со него ги убедувавме да инвестираат во Македонија, рече Груевски.

Планот на актуелната власт, нагласи дека е да се уништи ВМРО-ДПМНЕ, а, Заев да ги исполни ветените работи кон оние кои го донеселе за премиер на сметка на државните и националните интереси.

Најави победа на идните парламентарни избори со формирање Влада, а на политичките опоненти им порача да не си играат со трпението и волјата на народот, бидејќи, според него, ќе ги стигне казната од народот и пак ќе изгубат од ВМРО – ДПМНЕ.

Пред присутните се обрати и претседателот на УМС, Владимир Нелоскикој истакна дека дека претстои период со многу предизвици во секој сегмент.

Додади коментар

Би те интересирало и

Стојановски четврти во второто олимписко финале

Македонскиот пливач, Андреј Стојановски го прoдолжува својот успешен настап на Олимписките игри за глуви што ...

Зголемен бројот на лекарски интервенции во Куманово

Службата за итна помош од Куманово регистрира од 10 до 15 проценти зголемен број на ...

Close