Град Скопје: Оградата не е за преуредуавње на ГТЦ, туку за партерно уредување на „Жена борец“ – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Град Скопје: Оградата не е за преуредуавње на ГТЦ, туку за партерно уредување на „Жена борец“

gtc ograda

Оградата околу ГТЦ е поради обезбедување на просторот за вршење на градежни работи за реконструкција на паркот „Жена Борец“ информираат од Град Скопје, во соопштението откако вчера се појавија градежни тараби во ценатрот на градот. Појаснувањето доаѓа откако социјалните медиуми „зовреа“ од информации и реакции за можен почеток на најавената барокизација на претпознатливиот објект.

„Во наредниот период ќе се изврши реконструкција на пешачките патеки во паркот, ќе се постави ново осветлување, ќе се реконструира зеленилото, а на крај ќе биде поставена и нова урбана опрема. Градежните работи на терен ги извршува фирмата ’Урбан инвест’ од Кавадарци“, стои во соопштението на Град Скопје.

Информацијата, дека не се интервенира врз фасадата на ГТЦ, делумно е потврдена и од Општина Центар, која вчера по реакциите на граѓаните направила инспекциска контрола на градежните работи во паркот „Жена борец“. Од општината со која раководи Андреј Жерновски, велат дека главниот градежен инспектор излегол на терен и од контактот со надлежни служби дознал дека оградата е ставена поради планирано партерно уредување на паркот.

„Општината и натаму ќе ги следи градежните активности во паркот и благовремено ќе реагира доколку се започне со било какви сомнителни градежни активности“, велат од општина Центар.

Со повеќе протести и собири, неколку невладини организации и партии искажаа страв дека последните потези на власта упатуваат на тоа дека барокизација ќе се прошири на други објекти во општина Центар, со што тие практично би станале дел од „Скопје 2014“. Во почетокот на јули, Владата ги прогласи за објекти од посебен интерес и ја одзеде ингеренцијата на Општина Центар за ГТЦ, но и за Македонската опера и балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св.  Климент Охридски“ (НУБ), заради изработка на планско урбанистичка документација за нив.

Идејата на владата за „барокно“ руво на ГТЦ е се уште присутна. Со решението на Чаушевски и Богатинов, ГТЦ би добил уште еден кат и ќе се затвори од сите страни со влезови меѓу антички столбови.

Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААН) во повеќе наврати предупреди дека со новиот проект ќе се изгуби автентичниот изглед и функционалното решение на авторот Живко Поповски, кој за ГТЦ ја доби националната награда „11 Октомври“.

Би те интересирало и

Јовески бара партиите да не се мешаат во јавно-обвинителската работа

Неселективно, непристрасно, професионално и врз основа на законот се постапува во случајот за смртта на ...

ВМРО-ДПМНЕ: „Животот дојде ама не за сите“

ОК на ВМРО ДПМНЕ од Кавадарци на прес обвинува за мобинг врз нивните членови од ...