Груевски: Мицкоски самостојно ја води партијата, новото раководство си има свои приоритети – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Груевски: Мицкоски самостојно ја води партијата, новото раководство си има свои приоритети

Христијан Мицкоски самостојно ја води партијата – изјави денеска поранешниот претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање дали Мицкоски се консултира со него при донесувањето одлуки.

Груевски вели дека ретко се среќава со Мицкоски, но не сака да ја оценува неговата работа бидејќи, како што вели, новото раководство си има свои приоритети.

„Луѓето се на почеток на својот мандат и треба да им се остави време за да се докажат со работењето, да ги покажат своите идеи“, изјави Груевски, додека пак неговиот наследник Мицкоски најави дека од денес голем дел од своето време ќе посвети на теренските посети.

„Ќе бидам присутен во секој град, во селата, населбите, улиците, во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да го чујам гласот на народот, да разговараме за иднината на државата, затоа што Македонија заслужува и мора подобро“, вели Мицкоски во своето денешно видео обраќање.

„Салонската политика е едно, а вистинската слика лежи меѓу обичниот народ, помеѓу граѓаните. Македонија нема време за чекање, не смееме да дозволиме уште една генерација да загубиме. На Македонија ѝ треба нов, млад и способен кадар. ВМРО-ДПМНЕ има кадар, има програма која се подготвува од домашни и странски експерти. Потребна е нова сила за Македонија. Нова надеж за Македонија“, порача Мицкоски.

Инаку, претходно тој излезе со предлог до власта да го повлече Законот за употреба на јазиците, во замена за поддршка за спроведување на реформските процеси. ОД СДСМ пак, реагираа дека Мицкоски  делува против граѓанските интереси и против концептот едно општество.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Се воведува државна награда за Денот на албанската азбука

Се воведува државна награда за Денот на албанската азбука – 22 ноември. Ова го предвидуваат ...

Прифатени измените на Изборниот законик, ќе се бира привремен состав на ДИК

Собранието денеска во продолжение на 46. седница го донесе Предлог на закон за изменување на ...