Груевски: Целта на обвиненијата е да се уништи ВМРО-ДПМНЕ

Откако Специјалното јавно обвинителство побара притвор за лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, тој реагираше на прес конференција,на која оцени дека  СЈО не е обвинителство туку, како што рече, политичка канцеларија на СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ е нападната како никогаш досега во Македонија. Целта е да се скрши ВМРО за да се ослаби Македонија, но нема да успеат“, изјави Груевски.

– Како никогаш досега во историјата на Република Македонија па и на цела Европа, не се случило вакво класично политичко гонење на политичките противници. Стотина лица кои се дел од органите или подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се гонети со цел партијата да се уништи или да се замолкне, истакна Груевски.

Тој смета дека Специјалното јавно обвинителство е инструмент за политички прогон и затоа сите процеси се против оваа партија:

„Не постои ниту еден историски пример за вакво нешто. Тоа што го зборувавме, тоа и се случи. Станува збор за политички, а не за правен процес. СЈО одамна ја загуби непристрасноста и кредибилитетот во својата работа и стана инструмент за политички прогон. СЈО не е обвинителство, СЈО е канцеларија на СДСМ. Најголем показател дека е политички процес кој има политичка цел е тоа што носи одлуки без никакви правни докази. Процесот е политички, а не правен. Таков политички процес треба да финишира со политика, а не правна цел. Целта е ВМРО, целта е кршење на ВМРО, политичка елиминација и ставање под контрола за поголеми цели кои се потребни за оној кој го креираше целиот овој процес“.

Порача дека нема да успеат да ги скршат. Според него, нивниот грев бил тоа што 11 години биле на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, што оддолеале на многу притисоци и закани поврзани со името на државата, името на нацијата и јазикот, со идентитетот на македонскиот народ…

Груевски праша како е можно СЈО да немале време за случајот „Талир“ кога имале најмалку 18 месеци и што правеле за тоа време. Според него тие се водени од омраза, гнев и обврските кон налогодавачите.

На прес конференцијата тој зборуваше за омраза на СДСМ и дека партиски луѓе на премиерот Заев биле во контакт со обвинители од СЈО и им давале насоки како да дејствуваат.

Првиот човек на ВМРО ДПМНЕ исто така посочи дека се „нападнати и судии, членови на ДИК, како и новинари, поради критичко опсервирање.

На прес-конференцијата, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа голем број членови на партијата, а на подиумот Груевски беше придружуван од високи функционери на партијата, меѓу кои голем дел се и обвинети во случаите на СЈО.

 

Додади коментар

Би те интересирало и

Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права

Министерството за култура подготвува текст за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за авторското ...

Уште три лица хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести

Уште три лица од гостиварско село се хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести со висока ...

Close