Директорските ручеци поскапи од платите на 10 хигиеничари

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, како и други раководни лица, во 2015 година за репрезентација потрошиле 18.000 евра – покажува Извештајот на Државниот завод за ревизија. Според извештајот, на хигиеничарите во 10 центри на Агенцијата, како и на еден портир, за цела година им биле исплатени по десетина илјади евра. Државниот завод за ревизија констатирал дека потрошените пари за репрезентација се значително повисоки од одобрениот износ со одлука, а кој бил 5.200 евра, како и дека репрезентација делеле и неовластени лица.

-Утврдено е дека во Агенцијата за вработување недостасува правилник за репрезентација, со кој треба да се определи начинот на располагање, одобрување и користење на средствата за таа намена. Кон ова се надоврзува и фактот што во деловните книги, како корисници на репрезентација покрај раководните органи на Агенцијата, евидентирани се и други вработени лица – пишува во Извештајот.

Во врска со ангажманот на хигиеничари во центрите за вработување, Заводот за ревизија утврдил прекршување на три закони – Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2015 година, Законот за агенциите за привремени вработувања и Законот за работни односи.

-Со извршениот увид во деловните книги на Агенцијата и остварените разговори и контакти со одговорните лица во 10 центри за вработување, ревизијата констатирала дека се исплатени вкупно 634.000 денари за ангажирање лица за давање услуга – одржување хигиена и едно лице портир во центрите за вработување, без притоа да биде склучен договор за услуга согласно со Законот за работни односи или договор за отстапување работник согласно со Законот за агенции за привремени вработувања. За лица што биле ангажирани за одржување на хигиената и портирот во центрите за вработување, платен е персонален данок на доход – се додава во Извештајот.

Незаконски се однесувале одговорните и во врска со спроведување на јавните набавки. Направени се ревизии за 19 постапки за јавни набавки, со што се опфатени 81 процент од преземените обврски за 2015 година. Притоа е констатирано дека се преземени обврски за 112.000 евра за набавка на стоки и услуги без да бидат спроведени постапки за јавна набавка, што е противно на Законот за јавни набавки.

Би те интересирало и

Кајче-возачи и таксисти работат како туристички водичи

Македонија нема ниту еден лиценциран туристички водич. Сите, засега 804 туристички водичи во земјава, работат ...

Заврши бербата на првиот македонски канабис, во тек е екстракцијата

Бербата на првиот медицински канабис одгледан во Македонија е завршена, по што следува високософистициран технолошки ...