Договорот со Бугарија ќе биде потпишан на 1-ви август, Заев очекува поддршка од опозицијата

Во два оригинални примерока на македонски и на бугарски јазик, на први август ќе биде потпишан Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Текстот ќе биде и јавно објавен на веб страницата на Владата на Република Македонија.

Фото: МКД

Во 14 членови се срочени ставовите на Македонија и Бугарија за развој на меѓусебното пријателство и соработка, во рамките на Договорот кој ќе биде потпишан следниот месец. Премиерот, Зоран Заев очекува опозицијата да даде поддршка за овој Документ. Сепак, запрашан за тоа дали финалната верзија на текстот ги содржи забелешките кои опозицијата ги изнесе по затворената собраниска седница, Заев образложи дека Договорот ги прави среќни и двете страни – и Македонија и Бугарија, но не одговори конкретно.

„Забелешките беа навистина конструктивни. Ние споделивме заеднички грижи и заеднички аспекти од целиот овој Договор. Ние заклучивме дека треба да гледаме на чашата како полуполна, доста ја гледавме полупразна. Заклучивме дека текстот на Договорот, имајќи го предвид интересот и на другата страна, е во едно свое видно совршенство, кое за разлика од сите договори коишто согласно теоријата велат дека треба да останат поприлично еднакво, по малку незадоволни и двете страни, овој Договор ги прави поприлично малку повеќе задоволни и двете страни. Јас сум свесен дека и во Комисијата за надворешни работи на Собранието на Република Македонија и во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а и во целата пратеничка група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има достаискусни луѓе, кои потрошиле доста енергија и време на овој Договор, апсолутно се свесни дека ова е голема придобивка за Република Македонија. Очекувам и во име на испраќањето на оваа силна порака пред нашите граѓани дома, конечно еднаш и убаво да застанеме заедно зад нешто што е добро за Република Македонија и за сите нејзини граѓани“, истакна Заев.

Културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот се само дел од областите на кои се однесуваат точките од Договорот. Предвидено е и формирање на две комисии, во рок од три месеци од стапувањето на сила на истиот.  Едната, Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која научно ќе ги толкува историските настани, другата пак, наречена Заедничка меѓувладина комисија ќе биде копретседавана од министрите за надворешни работи на двете земји.

Според Заев, министерот Никола Димитров  тековно го информирал претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов за договорот, а завчера имало и двочасовни консултации со него. Иванов пак, вчера  побара договорот да биде јавно објавен, бидејќи според него, такас ќе се намалат негативните комемнтари кои, како што вели тој, ги предизвикало отсуството на транспарентност.

 

Вања Мицевска

Додади коментар

Би те интересирало и

Предизборен форум на З.Г Медиа Плус – Штип во мултимедијалниот центар на Канал 77

Во организација на З.Г. Медиа Плус-Штип, во мултимедијалниот центар Канал 77, се одржа предизборен форум ...

Во Кочани одбележан Светскиот ден без автомобили

Општина Кочани се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилност која се одбележува под ...

Close