Допрва ќе се утврдува каква риба плива во Дојран, а веќе е констатирано дека не е опасна за капачите

Маглата создадена низ јавноста од контрадикторни информации и тврдења за тоа „дали во Дојранско езеро има пирани“ денеска на заедничка маса ја расчистуваа претставници и експерти од неколку институции. Согласно прелиминарните истражувања на пронајдените примероци риба, посочено и констатирано беше дека станува збор за неавтохтон вид риба што досега не е сретнат во езерото, а која најмногу се храни со растителниот дел и не претставува опасност за луѓето и капачите. Допрва ќе се утврдува и истражува дали се работи за „црвен паку“ или „црвена пирана“. Или можеби нешто друго.

mkd-280826

Состанокот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШП) дојде откако низ медиумите и социјалните мрежи во изминативе два дена произлегоа различни реакции. Дел од граѓаните се загрижија и уплашија од несекојдневната ситуација, други се шегуваа, трети сметаат дека ова е уште една од редот на „апсурдни и надреални ситуации од земјата на чудата“, а четврти започнаа со редовна доза завери од типот „кој тенденциозно му наштетува на Дојран и туризмот?!“.

Средбата на заедничка маса во МЗШП веројатно беше производ на сите овие размислувања и ставови. На него присуствуваа заменик-министерот Ванчо Костадиновски, градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, претставници од Хидробиолошкиот завод од Охрид, Земјоделскиот инспекторат, Институтот за сточарство и стручни лица и експерт од Факултетот за земјоделство.

Како што пренесува агенцијата МИА, дополнителните испитувања за видот на рибата било договорено со стручни лица за генетика при Факултетот за земјоделски науки.

Заменик-министерот Костадиновски посочил дека пронајдените два примерока во Дојранското Езеро не се својствени за езерото, но дека тие не претставуваат никаква опасност и дека нема простор за паника. „Треба да се утврди за каков вид риби станува збор. Станува збор за состојба кога некој свесно или несвесно со цел да предизвика паника меѓу луѓето и туристите во Дојран сака да предизвика други штетни последици и му попречи на развојот на Дојран како туристичка дестинација“, рекол Костадиновски.

mkd-272636

 

Според земеник-министерот, состојбата ќе се следи и понатаму, и дека е договорен мониторинг на месечно ниво на рибниот фонд во езерото и квалитетот на водата, а министерството ќе продолжи да вложува во развојот на Дојран. Исто така, нагласил Костадиновски, концесионерот на Дојранско Езеро веќе има постапено и државниот Инспекторат за земјоделие ќе постапи согласно закон и регулативи и ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за предизвикување штета и негативно влијание врз растителниот и животински свет во Дојранското Езеро.

Директорката на Институтот за сточарство, Родне Настова, нагласила дека од концесионерот на Дојранско Езеро било доставено барање и примерок на риба што досега не е својствен за езерото. „Прелиминарните истражувања на овој вид на риба покажуваат дека се работи за неавтохтон вид што досега не е сретнат во езерото. Утврдено е дека овој вид на риба не е опасен за луѓето и капачите во Дојранско Езеро, затоа што овој вид на риба најмногу го конзумира фитопланктонот, односно се храни со растителниот дел во езерото, и нема место за паника“, изјави Настова од Институтот за сточарство, а пренесе МИА.

МКД.мк денеска токму од Инстутот побара одговор и потврда за изнесениот наод и мислење на Заводот за при УКИМ, Институт за сточарство во соработка со Одделението за споредбена анатомија при ПМФ-УКИМ, а објавен преку дел од медиумите. Во Институтот на неколку пати никој не креваше на официјалниот телефон, а ниту преку електронска пошта не стигна потврда дали е точна презентираната анализа за „црвената пирана“.

mkd-272629

Имено, ваквиот наод дошол откако на 12 август  концесионерот на Дојранско Езеро „Фишилан ДООЕЛ“ од Дојран, на лице место до раководителот на Заводот за рибарство при УКИМ Институт за сточарство, доставил на увид примерок риба уловен од Дојранско Езеро на локација „Ачикот“, со писмено барање да се изврши анализа за да се детерминира. Притоа било напоменато дека станува збор за риба, со која рибарите од Дојран се сретнуваат за првпат.

„Анализата покажа дека станува збор за единка од машки пол, со маса од 74 грама. Податоците од извршената анализа укажуваат на тоа дека станува збор за видот Pigocentrus nattereri познат како ’црвена пирана’ или ’црвеностомачна пирана’. Имајќи го предвид фактот дека овој вид има способност да ја менува својата боја во зависност од средината во која се наоѓа, а и поради фактот што видот многу тешко се разликува од Pigocentrus caribi, сметаме дека е потребно да се направат подетални анализи, особено од остеолошки аспект. За со сигурност да се потврди наодот, тој е испратен и на дополнителна потврда во сродните институти во Перу и во Бразил“, се вели во наодот на Институтот што беше објавен низ медиумите.

Од Хидробиолошки завод Охрид, пак, вчера за МКД.мк рекоа дека се работи за риба-сродник, која личи и потсетува на пирана, но е е пирана. Се храни со растителни материи, инсекти и рибчиња. Односно, тоа е амазонски паку – тоа е црвеномешеста риба.

„Луѓето ги чуваат во аквариуми. Нема простор за страв, бидејќи рибите се топловодни. Тоа значи дека ќе угинат кога ќе дојде зимската сезона“, рече Зоран Спирковски од Хидробиолошкиот завод.

езеро

И градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, ги демантираше информациите за пирани во езерото и рече дека „цело лето некој води хајка против Дојранско Езеро од причини што веројатно само нему му се јасни“.

„Доколку целта беше да пропадне туристичката сезона и локалните власти да се прогласат како некомпетентни, ваквиот налудничав чин нема никакво оправдување. Првиот пат ја заплашуваа јавноста со водата, која била опасна за здравјето, а сега гледаме дека некој нечовек е подготвен и директно да го загрози здравјето на туристите“, изјави Стамов за МКД.мк, додавајќи дека се уште ги очекуваат официјалните анализи за видот и потеклото на рибата од надлежните институти.

Додека јавноста е збунета, од целава оваа ситуација засега е сигурно дека станува збор за неавтохтона риба, нетипична за Дојранско Езеро, која опстојува и се размножува во топла вода. Сите се согласни дека рибата е донесена однадвор, односно некој свесно или несвесно ја пуштил во езерото. Во име на јавниот интерес, останатите недоумници ќе треба набргу да ни ги кажат и разјаснат сите институции кои денеска уверуваа дека рибата која плива во Дојран не е опасна по човекот.

МКД

Би те интересирало и

Реформи во безбедносно-разузнавачките служби – до каде сме?

м-р Магдалена Лембовска Пристигна и вториот извештај на Прибе, а контрола на УБК се` уште ...

Што е Google Jigsaw и како може да придонесе за Македонија?

Вчерашната вест за средбата на премиерот Заев со Џеред Коен, директорот на Google Jigsaw во Њујорк ...