Емануел Рембер е новиот директор на Францускиот институт во Скопје

Советникот за клутура во Амбасадата на Франција, Емануел Рембер е новиот директор на Францускиот институт во Скопје. Овој дипломат со долгогодишно искуство, на прес конференција ги претстави главните насоки во културната и образовната агенда на Институтот, насловена како „Културни патеки септември-декември 2017.

Живеел и работел во Норвешка, во Словачка, во Либија, но и во Велика Британија. Во 2013 година од француското Министерство за надворешни работи го добил Златниот медал на честа. Новиот директор на Францускиот институт во Скопје, Емануел Рембер од неодамна е преселен овде и најавува дека во фокусот на неговата работа меѓу другото, ќе бидат еко туризмот и спортот.

„Македонија е земја за која малку се знае во Франција, но пребогата е со културно историски богатства и со природни богатства за кои вреди да се запознае и француската публика и така да придонесеме да дојде до взаемен спој на двете култури“, вели Рембер, кој потсетува дека догодина навршуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Франција.

„Стапивме во контакт со Министерството за надворешни работи и со Министерството за култура на Македонија со цел да создадеме еден комитет, којшто ќе размислува за настаните преку кои ќе се одбележи годишнината. Ние имаме на ум да донесеме една голема група од полето на уличниот театар, која ќе настапи и ќе го анимира градот“, изјави Рембер.

Тој смета дека добро ја познава проблематиката на Македонија, бидејќи две години работел како одговорно лице за Балкан во Дирекцијата за комуникација при Централната канцеларија за странски и европски прашања. Францускиот институт во Скопје пак, бил отворен во 1974 –та година.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Македонската филхармонија со концерт ќе го прослави 73. роденден

Македонската филхармонија со концерт ќе го прослави 73. роденден. Концертот ќе се одржи на 24 ...

Децата ги преземаат училиштата за Светскиот ден на детето

Република Македонија се приклучува кон иницијативата преку поттикнување на училиштата да организираат активности наречени #ДецатаГиПреземаатУчилиштата, ...