ЕП: 10 евра за влез во ЕУ за граѓаните со безвизен режим од 2020 година

Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент денеска го усвои предлогот на Европската комисија за државјаните на трети земји ослободени од визи за влез во Шенген-зоната, меѓу кои и граѓаните на Република Македонија, од 2020 година да треба да аплицираат за дозвола за патување пред да пристигнат во Европската Унија.

Новиот Европски систем за патување и овластување (ЕТИАС) ќе овозможи напредни проверки на безвизните патници и оние за кои се смета дека претставуваат ризик во однос на безбедноста, неправилната миграција или високиот ризик од епидемија, при што ним ќе им биде одбиен пристапот.

Според нацрт-правилата одобрени денеска од страна на европарламентарците во рамките на Комитетот за граѓански слободи, државјаните што не се членки на ЕУ, а кои немаат потреба од виза за влез во Шенген зоната, меѓу кои и Македонците, ќе мора да пополнат електронски формулар со нивните лични податоци, вклучувајќи име, датум и место на раѓање, пол и државјанство, потоа информации за патниот документ – валидност и земја на издавање, домашна адреса и информации за контакт и европската земја на прво наменет влез.

Подносителот, исто така, ќе треба да ги информира властите за сите обвиненија за сериозни кривични дела (како што се тероризам, сексуална експлоатација на деца, трговија со луѓе или дрога, убиство и силување), за престој во одредени конфликтни зони и за сите претходни административни одлуки пред да ја напушти земјата, а во текот на последните десет години.

Иако Еврокомисијата предлагаше овие дозволи да чинат пет евра, Комитетот на Европарламентот одлучи потврдата да чини десет евра. Некои патници ќе бидат ослободени од плаќање на таксата, како што се лица под 18 години и постари од 60 години, членови на семејството на граѓани на ЕУ и студенти и истражувачи кои патуваат за академски цели. Оваа потврда ќе важи за период од три години или додека не истече патната исправа на подносителот.

Оваа апликација автоматски ќе се проверува во однос на сите релевантни бази на податоци, вклучувајќи го Шенгенскиот информатички систем, Системот за влез и излез, како и базите на податоци на Европол и Интерпол, а со цел да се потврди, меѓу другото, дали патната исправа е изгубена или украдена и дали лицето што е подносител се бара за апсење.

Од апликантот може да се побара да обезбеди дополнителни информации, а во исклучителни случаи да биде и поканет на интервју во некоја од амбасадите на земјите-членки на ЕУ во неговата земја. Ако на подносителот му биде одбиен влез во Унијата, ќе биде информиран за причините и за нивните права, вклучувајќи и судски процес. Во секој случај, граничната полиција ќе продолжи да го има последниот збор за влез во Европската Унија.

Оваа регулатива беше одобрена од Комитетот за граѓански слободи на ЕП со 42 гласови наспроти 12 против и двајца воздржани. По тој повод, европратеничката Кинга Гал (Унгарија, ЕПП), системот ЕТИАС ќе го премости постојниот јаз во информациите за безвизните патници во ЕУ.

„Лицата од земјата ослободена од виза надвор од ЕУ со намера да патуваат во Шенген-зоната ќе бидат оценети пред да пристигнат на надворешната граница за да се види дали тие претставуваат ризик за безбедноста, дали илегално може да останат во Шенген-зоната или ако претставуваат висок ризик за епидемија. Тоа значително ќе придонесе за зголемување на безбедноста на ЕУ и за посилни и попаметни информациски системи за границите и безбедноста“, истакна европратеничката Гал.

Според податаците на Европската унија, во моментов има повеќе од 60 земји и територии чии државјани можат да патуваат без визи во Унијата. Европската комисија очекува значително зголемување на бројот на лица што патуваат без виза кои ги преминуваат границите на Шенгенот во следните години, па нивниот број од 30 милиони во 2014 година, да се зголеми на 39 милиони лица во 2020 година.

Трошоците за официјален Брисел за системот ЕТИАС се проценуваат на 212,1 милиони евра, а просечната годишна цена на трошок да изнесува 85 милиони евра.

Би те интересирало и

Божикното дрво што преживеа удар од гром пристигна во Ватикан

Божикното дрво што пред неколку години во Полска преживеа удар од гром, поставено е на ...

САД ќе испратат авиони на заедничка вежба со Јужна Кореја

Соединетите Американски Држави ќе испратат авиони од типот „Ф-22“ во Јужна Кореја, каде би требало ...