ЕУ ќе финансира договор за транспортна заедница помеѓу земјите од Западен Балкан

Земјите од Западен Балкан ќе постигнат договор за транспортна заедница, за што Европската унија ќе издвои 1, 3 милијарди евра. Овие пари, земјите ќе ги насочат кон проекти од сферата на транспортот,  животната средина и енергијата – најави денеска шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар во пресрет на самитот „ЕУ – Западен Балкан“ кој почнува в среда.

Ова ќе биде возбудувачка недела за партнерството на земјите од Западен Балкан – оцени денеска Жбогар на прес конференција, по повод самитот во Трст, Италија каде премиерите од регионот ќе сретнат со дел од европските лидери.

Жбогар и италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео најавија дека ЕУ ќе одвои дополнителни 200 милиони евра за земјите од регионот, за реализација на други проекти

„Не сум овластен да ви кажам кои се тие проекти, ќе бидат објавени на самиот Самит. Мислам дека ќе има добри вести таму, ќе има фондови за проекти, но да почекаме уште 2 дена “, истакна Жбогар.

Тој и амбасадорот Ромео најавија низа активности и форуми на овој Самит, кој се одржува четврта година по ред.

„Ќе се организира бизнис форум, кој ќе се фокусира на средните и големите трговски претпријатија. Предвиден е и форум на шеесетина млади кои ќе дискутираат за тоа како да се зголеми мобилноста на младите и патот напред“.

Миграцијата, радикализацијата и антикорупцијата исто така ќе бидат теми на дискусија помеѓу премиерите и министрите од Западен Балкан со претставниците на ЕУ и премиерите на земјите членки, меѓу кои Италија, Австрија, Германија, Хрватска, Словенија…

На прес конференцијата беше најавено и надоградување на сегашниот ЦЕФТА договор за слободна трговија. Советот за регионална кооперација и исто така Секретаријатот за ЦЕФТА, беше посочено,  имаат подготвено мултигодишен акционен план за регионална економска соработка помеѓу шесте земји во Западен Балкан.

Податоците говорат дека во првите седум месеци од 2015 година е остварен пораст на извозот со земјите на ЦЕФТА од 5,4 отсто во споредба со 2014 – та и пораст на увозот од 2,9 отсто.

Инаку, утре пред официјално да почне Самитот во Трст ќе се одржи и форум на граѓанското општество.

Би те интересирало и

САД очекуваат фер и демократски локални избори во Косово

Американскиот амбасадор во Косово, Грег Делави изјави дека очекува локланите избори во Косово, што ќе ...

Жителите на Косово в недела бираат органи на локалната власт

Речиси 1,9 милиони жители на Косово в недела ќе гласаат за избор на нови органи ...