Заев: Виенскиот економски форум, добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Заев: Виенскиот економски форум, добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката

Иницијативите и заедничките проекти на земјите од Западен Балкан се резултат на суштински реформи и на соработката на земјите од регионот – порача премиерот Зоран Заев на Виенскиот економски форум во Софија што се организираше како дел од Самитот за Западен Балкан на ЕУ на темата „Поврзување“.

Премиерот, Заев во Софија беше придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев, и од министерот за економија Крешник Бектеши. Заев и Анѓушев и бугарскиот премиер Бојко Борисов присуствуваа на потпишувањето на Меморандумот за разбирање за спојување на пазарите на електрична енергија меѓу Република Македонија и Република Бугарија, што го потпишаа министерот Бектеши и Министерката за енергетика на Бугарија Теменушка Петкова.

Во работата на пленарната сесија на форумот, на која присуствуваа и премиерите од земјите од регионот, Заев истакна дека еден од главните приоритети на македонската Влада е да ги зајакне соседските односи, за да се зајакне капацитетот и подготвеност на регионот да ги оствари стандардите на ЕУ како заедничка цел на сите земји од Западен Балкан.

Премиерот Заев истакна дека Виенскиот економски форум, е добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката со заедничките иницијативи со што се создаваат партнерства меѓу владите и општествата на земјите од Западен Балкан за иднината на граѓаните од регионот.

Премиерот Заев, во тој контекст, зборуваше и за разговорите со Грција и информираше дека на последните средби се презентирани повеќе опции за можни решенија, а една од нив најавува решение кое може да биде прифатливо и за двете страни.

Премиерот истакна дека една од најважните мисии на лидерите и на политичките раководства од регионот на Самитот на ЕУ е да ги мотивираме и убедиме лидерите на ЕУ да го прифатат Западен Балкан во европската визија за Западен Балкан.

Вицепремиерот Анѓушев, пак, подвлече дека за економски раст и развој на земјава покрај имплементирање на економски мерки, од особено значење е да се обезбеди политичка стабилност и владеење на правото и додаде дека во таа насока Владата спроведува низа реформи во сите сектори.

„Добивме позитивни сигнали од меѓународните финансиски институции за поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти. Тие средства ќе бидат наменети за изградба на патишта, железница, како и за гасоводна мрежа и конектирање со Транс Јадранскиот гасовод (ТАП) и терминалите за природен гас во соседна Грција. Работиме и на зацврстување на инфраструктурата во електро-енергетскиот пренос и во таа насока се инвестира во изградба на 400 киловолтен далекувод кој ќе ги поврзе Македонија и Албанија“, посочи Анѓушев.

Министерот Бектеши посочи дека потпишувањето на меморандумот е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика во Република Македонија и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

Покрај приклучувањето на нашата земја на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, додаде, операторите на системот за пренос ќе ги зголемат капацитетите за прекуграничен пренос во регионот со изградба на нови водови, а националните регулаторни органи ќе ја хармонизираат регулаторната рамка за интеграција на пазарот.

 

Би те интересирало и

25 години ФООМ:Отвореното општество во Македонија исправено пред предизвици кои треба да ги надмине

  Македонското општество од една фаза на децениско перманентно затворање, почнува да се отвора и ...

Имињата за новите министри утре ќе бидат доставени до Парламентот

Премиерот Зоран Заев утре до Парламентот ќе ги достави новите имиња за реконструкција на Владата. ...