Заев: Поттикнавме позитивна енергија во земјава, имаме голема поддршка од Брисел

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Горазд Бартол, шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.

„Поттикнавте позитивна енергија што се чувствува во земјата, а ја чувствува и Брисел, преку демократските политики на новата Влада на инклузивност и градење мостови меѓу граѓаните во земјата, добрососедство во регионот и отворена меѓународна соработка. Правецот во којшто се движи Македонија е добар и отвора перспективи за граѓаните и за евро-атлантските апсирации на земјата“, оваа порака Заев му ја пренел на Бартол, соопшти владината прес-служба.

Бартол изразил отвореност на канцеларијата на НАТО во Македонија, за помош и поддршка во сите чекори што ги прават Владата и нашата држава, за членство во НАТО Алијансата.

„Свесен сум дека е време за лидерство што ќе обезбеди напредок на државата и од Македонија ќе создаде земја на среќни луѓе. Тоа е моја цврста цел, како и на новата Влада. Затоа Владата е одлучна, да ги остави предрасудите во минатото и да ја обезбеди иднината на државата, којашто е во НАТО и во Европската Унија“, рекол премиерот Заев.

Тој изразил уверување дека активниот реформски процес што го иницира Владата ќе биде сигнал за Европа и за НАТО дека граѓаните и Република Македонија заслужуваат да бидат дел од овие две најголеми меѓународни демократски организации.

На средбата премиерот Заев го повторил очекувањето дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја членка на НАТО, за што од страна на претставниците на Канцеларијата на НАТО во Македонија е изразена јасна поддршка.

На состанокот било констатирано дека фокусот на сите 29 земји членки на НАТО е кон Република Македонија и кон потезите на новата демократска Влада којашто покажа значаен пример како низ мудри и одговорни политики може да направат демократски промени.

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

Над 1,5 милиони Македонци користат интернет, а милион Фејсбук

Во Македонија интернет користат 1.503.000 луѓе или 72,2 отсто од населението, а милион се приклучени ...

Вицепремиерот Османи во посета на Франција

Заменик претседателот на Владата на Македонија задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска ќе престојува ...