Заев упати телеграма за сочувство со Велика Британија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев упати Телеграма со сочувство до британската премиерка Тереза Меј и до граѓаните на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, по синоќешниот грозоморен напад во Лондон во којшто има загинати и повредени.

„Во име на граѓаните на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и во мое лично име изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот напад во Лондон, до Владата на Велика Британија и до граѓаните на Британија.

Најостро го осудуваме овој шокирачки кукавички напад врз невини жители на Лондон, на Лондонскиот мост и во околните ресторани, меѓу кои има и посетители на Лондон.

Секој акт на загрозување човечки животи, каде и да се случи е загрозување на слободата и спокојот на целото човештво.

Се солидаризираме со граѓаните на Велика Британија и цврсто и решително застануваме на страната на Британија.

Потребно е да се дејствува мудро и внимателно во интерес на мирот во Велика Британија и во светот. Уверени сме дека истрагата ќе ги расветли до крај мотивите за нападот и нарачателите и инволвираните ќе се соочат со правдата.

Република Македонија е подготвена да помогне и да дејствува обединето со демократскиот цивилизиран свет во справувањето со сите облици на насилство и тероризам. Нашите мисли и молитви се со граѓаните на Велика Британија“, напиша премиерот Заев во Телеграмата до британската премиерка Меј.

Би те интересирало и

Бејли: Јас не го почнав случајот со ДИК

На денешното предавање за корупција пред студентите на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“  во ...

Штитеничка од Велес од неделата го напуштила Домот за стари лица во Прилеп

Од неделата попладне четириесет и деветгодишната Каролина Арсова од Велес, која од 2013-та година била ...