Заев ќе се размине со Трамп

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ќе долета во Брисел речиси во исто време кога и претседателот на САД  Доналд Трамп, но сепак ќе се разминат бидејќи американскиот лидер ќе пристигне на воениот дел од аеродромот Завентем.

Заев сепак ќе го дочека еуфоријата околу Трамп, бидејќи веќе од 14 часот денес ќе биде затворен целиот кварт околу Европската комисија, нема да функционираат пет метро станици, а додека поминува Трамп ќе биде затворен и евтопатот од аеродормот до Брисел. Трамп и Заев ќе се разминат, според досегашните информации, и со агендите, бидејќи македонскиот мандатар за премиер околку шест часот попладне ќе ја почне посетата со билатерална средба со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини за да еден час подоцна има заедничка вечера со петте балкански премиери.

За тоа време Трамп ќе има средби со белгискиот Крал Филип, со премиерот на Белгија Шарл Мишел, а потоа ќе преспие на локација за која никој не ја знае овде во Брисел. Утре Трамп ќе има средби со политичкиот врв на ЕУ, меѓу кои и со Могерини, а потоа ќе присутвува на самитот на НАТО со лидерите на 28 земји членки, на кој според информациите досега нема преставник од Македонија.

Зошто вечерата со балканските лидери е организирана истиот ден со доаѓањето на Трамп и паралелно со ваква комплексна политичка и безбедносна состојба, се уште никој не кажува во Брисел. Иако неформална, самиот факт дека средбата се одржува во ваков мометн е силна политичка порака од ЕУ до земјите во регионот каде припаѓаат и дека не се оставени настрана. Брисел практично му дава поддршка на Заев во време кога македонскиот претседател, случајно или не, доби поддршка од Русија во форма на одликување.

Од лидерите во регионот на средбата ќе бидат премиерите на Албанија, Еди Рама, на Србија Александар Вучиќ, на Косово Иса Мустафа, на БиХ Дениз Звиздиќ и на Црна Гора Душко Марковиќ.

Фокусот на медиумите во Белгија сепак е на посетата на Трамп, кој надвор од самитот, утре напладне ќе има долг ручек со новиот претседател на Франција Франсоа Макрон, на локација која исто така е непозната. Самитот ќе почне со пуштање во употреба на новата грандиозна зграда на НАТО што ќе биде проследено со воена демонстрација. Се очекува самитот да заврши доцна навечер, по девет часот и Трамп да замине на самитот на Г7 во Сицилија.

Медиумите во Брисел шпекулираат дека главна одлука на самитот ќе биде приклучувањето на НАТО на анти-ИСИС коалицијата , нешто што го побара Трамп за време на посетата на Саудиска Арабија. Исто така се шпекулира дека и покрај одбивањата досега, особено од Германија, земјите членки ќе се обврзат пред Трамп да ги зголемат воените буџети на два отсто, колку што е лимитот утврденм одамна во алијансата.

Оценките се дека оваа посета ќе го одреди „тонот“ во односите на Трамп со ЕУ и со НАТО, откако за ЕУ не знаеше ни кој ја води и навиваше за нејзино распаѓање преку Брегзит, а за НАТО оцени дека е застарена организација. Претседателот на САД ќе го дочекаат протести на левичарски организации кои ќе му порачаат дека „не е добредојден“ во Белгија. Иако Брисел е навикнат на високи гости, обезбедувањето никогаш не било на ова ниво како денес, при што по улиците можат да се видат војници во униформи и со автоматски пушки.

 

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

ВМРО- ДПМНЕ: Само граѓаните на референдум може да одлучат околу спорот што го има Грција со нашето име

Одлуката околу решението на проблемот кој што Република Грција го има со нашето име не ...

Кривична пријава за поранешната директорка на Завод и Музеј Охрид

Поранешната директорка на Завод и Музеј Охрид заработи кривична пријава поради големата финансиска штета врз ...