Заловена Маја, првата женка-рис (ФОТО)

Минатиот викенд тимот за заштита на балканскиот рис од Македонското еколошко друштво (МЕД) успеа да ја залови првата женска единка од ова критично загрозено животно – пренесува порталот Мкд.

Рисот го доби името Маја и е петтиот по ред заловен рис за научни цели што на себе носи ГПС-околувратник. Маја беше фатена на планината Стогово. Откако беше успана по претходно воспоставен протокол, на тимот му требаше помалку од еден час за да ги изврши потребните мерења (должина, тежина итн.), да земе крв за генетски истражувања и да постави ГПС-околувратник. Во текот на целата процедура беа следени основните здравствени параметри на рисот: температура на тело, дишење и срцево отчукување.

Откако сè помина во најдобар ред, рисот беше пуштен на слобода. При освестувањето беше следено неговото заздравување од седативот. Првите информации од Маја за тоа каде се наоѓа и кон каде се движи стигнаа следниот ден, што укажува на фактот дека животното е во добра здравствена состојба.

„Ова достигнување претставува голем чекор во истражувањето на биологијата и екологијата на балканскиот рис. Маја би требало да придонесе во потполнувањето на сликата за големината на териториите, но исто така и во изучувањето на исхраната и користењето на просторот кај балканскиот рис. Дополнително, овој рис би можел да ја открие големината на леглото (број на родени рисови) и репродуктивниот успех (колку од нив достигнуваат полова зрелост) што претставува еден од главните фактори за закрепнување на загрозените популации”, вели Диме Меловски, координатор на проектот „Програма за закрепнување на балканскиот рис“.

Балканскиот рис од неодамна (ноември 2015 година) е ставен на листата на критично загрозени животни според Интернационалната унија за заштита на природата (ИУЦН). Според тимот кој повеќе од 10 години работи на проучувањето и заштитата на ова животно, на просторот на југозападен Балкан нема повеќе од четириесетина возрасни единки од ова животно. Главните причини за оваа состојба се криволовот, намалувањето на неговиот плен и уништувањето на неговите живеалишта. Неспроведувањето на законите поврзани со лов и заштита на природата во голема мера ја отежнуваат конзервацијата на кој било претставник од флората и фауната на кој му треба помош. Како земја во развој, Македонија ги има запоставено основните начела за заштита на животната средина со поставување на ниски приоритети за заштита на природното наследство.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис е комплексен долгогодишен проект кој во континуитет веќе 11 години работи на заштита на балканскиот рис во Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Оваа прекугранична соработка е со експертска поддршка и помош од страна на невладини организации од Швајцарија и Германија. Целата програма е финансирана од швајцарската фондација МАВА – соопшти Македонското еколошко друштво.
Извор: www.mkd.mk

Би те интересирало и

Невладините се’ уште немаат официјален одговор за завршницата на истрагите за нивната работа

Дваесетината невладини организации чија работа беше предмет на истрага, се’ уште немаат официјални информации за ...

Македонец од Мелбурн потрошил 300.000 долари од донации на алкохол и на гаќи

Пензионерот Борис Трајков (76), поранешен новинар во македонската редакција на австралиското државно радио за националностите ...