Затајувале данок со фалсификувани фискални сметки – УЈП со постапки против повеќе угостители

Со цел да го прикријат реално остварениот промет, угостителски објекти на потрошувачите им издавале таканаречени компјутерски сметки, кои се печатат со обичен или нефискален печатач – соопшти денеска УЈП. Некои угостители исто така, наместо да користат ГПРС, се’ уште не ги одјавиле старите фискални апарати.

Угостителски објекти кои не го регистрирале прометот и го избегнувале плаќањето данок, ќе одговараат пред истражните органи за кривично дело даночно затајување, зашто УЈП против нив веќе има поведено постапки. За ова денеска на прес конференција информираше новата в.д. директорка, Сања Лукаревска, не прецизирајќи за колку сторители точно станува збор:

„Точна бројка ќе ви кажам следните денови на прес конференција, затоа што сакаме да работиме транспарентно, меѓутоа и да располагаме со соодветни податоци“.

Според неа, старите фискални сметки не се разликуваат значително од новите, при што граѓаните не се во можност да ја забележат разликата, односно не можат да утврдат дали се работи за еден вид фалсификувани сметки. На наведениот начин, даночните обврзници целосно го прикриваат реално остварениот промет и за истиот воопшто не пресмтуваат и плаќаат даноци, доколку повеќе што дел од старите фискални каси се од одјавени фирми.

Управата за јавни приходи викендов спровела контрола при што се опфатени 195 објекти од кои кај 32 се констатирани неправилности, при тоа некои од нив се и затворени.

Во Скопје се контролирани 34 објекти, неправилности имало во 11, Битола 14, неправилности кај 3, Охрид 16 и неправилности кај еден објект, Кавадарци и Неготино 37 и неправилности кај 5, во Тетово од 24 објекти неправилности имало кај 4, во Куманово 28 и неправилности кај 4 и во Гевгелија и Дојран 25 со неправилности кај 3 угостителски објекти.

Одговарајќи на новинарско прашање за враќањето на 15 проценти од данокот на додадена вредност, Лукаревска рече дека спроведувањето на оваа мерка зависи од работата и програмата на Министерството за финансии.

„Се прават анализи и работни групи кои ќе работат на оваа проблематика. Сепак се работи за специфична процедура и не би сакала да преудицирам со рокови, но за да биде успешна оваа мерка би требало да стартува во 2018 година“ нагласи директорката.

Ваквиот поврат на ДДВ инаку, е една од најавените мерки на Владата на Република Македонија, предводена од СДСМ, партијата која пред 2 години реагираше на мерката на тогашната влада, која предвидуваше хонорарците да плаќаат придонес задолжително пензиско осигурување од 18 отсто и за задолжително здравствено осигурување 7,3 отсто.

Од УЈП во меѓувреме најавуваат дека инспекциите ќе продолжат и во претстојниот период во пресрет на најавените настани од културен, спортски и забавен карактер.

 

Вања Мицевска

Додади коментар

Би те интересирало и

Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права

Министерството за култура подготвува текст за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за авторското ...

Уште три лица хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести

Уште три лица од гостиварско село се хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести со висока ...

Close