Во овој регион, овие учесници во сообраќајот најмногу страдаат поради пребрзо возење.
Изминатото деноноќие во тетовско во сообраќајни незгоди повредени се двајца пешаци.
Во првиот случај повреден е 31 годишен пешак во кој возач удрел па побегнал, а во втората, во седумгодишно дете удрел малолетен мотоциклист. Првично причината и за двете сообраќајни незгоди, според Секторот за внатрешни работи Тетово е неприлагодена брзина, односно пребрзото возење.
Во полициските билтени, речиси секојдневно има регистрирано случаи на удрени пешаци, поради нивна невнимателност но и поради несовесни возачи, кои поминуваат и на пешачки премини со голема брзина.
Граѓаните на Тетово потврдуваат дека кај возачите и пешаците како учесници во сообраќајот, недостасува сообраќајна култура.
Бројките на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, говорат дека 25 проценти од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајните незгоди во Македонија се пешаци.
Поконкретно во Македонија годишно од 30 до 35 лица пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди.
Инаку, жителите на скопската населба Ѓорче Петров, за денес најавија нови протести поради вчерашниот инцидент, во кој автомобил удри во 10 годишно дете, кое како што објавија некои медиуми, имало внатрешно крвавење, напукнат череп и исчашување на едното рамо.
Зоран Димовски