„Зелена лупа“: Кривични пријави против судиите што одлучуваа за притворите на Грујовски и Бошковски

Здружението „Зелена лупа“ ќе поднесе кривични пријави за сите судии од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучуваа за притворите на Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети во случајот „Тврдина“ на СЈО.

Исто така, Здружението ќе поднесе и иницијатива до Советот за утврдување на фактите и до Судскиот совет за одговорност на судиите.

Бегството на обвинетите сосема јасно укажува на основаноста на предлогот за определување мерка притвор, а со тоа и на неоснованата и незаконита одлука на Кривичниот совет – сметаат од Здружението Зелена лупа. Оттаму велат дека се згрозени од односот на судиите не само кон случајот Тврдина, туку воопшто кон сите случаи на СЈО.

„Истите судии кои даваа притвори без никакви докази сега влегоа во целосна заштита на обвинетите“, изјави на прес конференција Васко Тодоровски, претставник од ова Здружение.

Независно што Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје, постапувајки по жалбата на Специјалното јавно обвинителство, ја уважил жалбата и го преиначил решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, односно донел одлука со која на обвинетите им определил мерка притвор, сторил потешка повреда со тоа што против така донесената одлука на обвинетите им дал право на жалба, без за тоа да постојат законски одредби. Имено, доставувањето на решението за притвор и правото на жалба пропишани се во одредбите од член 169 од Законот за кривичната постапка, во кои одредби воопшто не е пропишано право на жалба против решението на Апелацискиот суд, велат од Здружението. Според нив, постапките на судиите од Основниот суд Скопје 1 Скопје, од Апелацискиот суд Скопје и од Врховниот суд, се во директна врска со она што следуваше, а тоа е бегството на обвинетите.

„На стручната јавност ѝ е познато, но за пошироката јавност сакаме да соопштиме дека определувањето на мерката притвор од страна на Апелацискиот суд Скопје, потврдена со одлука на Врховниот суд, независно од неговото постапување надвор од своите законски овластувања, е чисто фрлање прашина во очите на граѓаните на Република Мкедонија, кои треба да се убедат дека судовите постапувале правилно со тоа што определиле мерка притвор, а од друга страна, на обвинетите на тој начин да им се даде можност за бегство или криење од органите на прогон. Поради наведеното постапување, не можеме да ја исклучиме и можноста сето тоа, можеби и однапред да е договорено, што упатува на можност од директно инволвирање на судовите што постапувале во однапред подготвеното сценарио, во случај кога основаноста за притворот према обвинетите беше повеке од очигледна“, велат од Здружението „Зелена лупа“.

Од таму најавија дека ќе поднесат кривични пријави за сите инволвирани судии во овој, како што велат, скандал до Основното јавно обвинителство за злоупотреба на службената положба.

„Очекуваме новиот јавен обвинител на РМ во рамките на своите надлежности, да преземе соодветни дејствија заради утврдување на евентуална кривична одговорност. Ова превентивно би делувало на судиите кои во иднина би постапувале по ваквите и други предмети, по истите да постапуваат строго законски и да носат само одлуки исклучиво засновани на закон“, велат од „Зелена лупа“.

Земајќи ги во предвид бегствата кои се случија и со Сеад Кочан, Горан Грујовски, и Никола Бошковски, велат од здружението, постојат сериозни и основани сомненија дека обвинетите и од другите случаи кои што ги води СЈО ќе се дадат во бегство.

„Поразителната статистика, дека во моментов ниту едно обвинето лице од ова обвинителство не се наоѓа во притвор, и дека сите за кои досега беше даден притвор се дадода во бегство, е факт кој што мора да биде земен во предвид, и сериозен аларм дека е време да се отстрануваат сите пречки од патот на правдата“, велат од Здружението „Зелена лупа“.

 

Додади коментар

Би те интересирало и

Штипјанец тешко повреден во сообраќајка на патот Свети Николе – Пробиштип

Едно лице е тешко повредено во сообраќајната незгода која вчеравечер се случила на регионалниот пат ...

Украдени 880 000 денари од фирма во Гевгелија

Во периодот од 19 часот на 22. септември до 11 часот на 23. во Гевгелија ...

Close