Земните задоволства и Кензо Танге за старт на Моден викенд Скопје (Галерија) – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Земните задоволства и Кензо Танге за старт на Моден викенд Скопје (Галерија)

Љубителите на модата и модните трендови по седумнаесетти пат се собраа на едно место за да го чујат дизајнерскиот одговор на прашањето: „Што ја храни твојата имагинација? “ или пак да размислат малку повеќе за себе на оваа тема. Во идејата ги обедини новото издание на Моден викенд Скопје, за сезоната пролет-лето 2018.

Новото модно поглавје се отвори со парчињата на секогаш уникатниот моден дизајнер Роберт Ивановски и неговиот креативен  поглед на темата „The garden of earthly delights“.

Природно, насловот доаѓа од инспирацијата “Градината на земните задоволства” на Хиеронимус Бош од 16 век, кое сега е сместено во музејот „Прадо“ во Мадрид. Колекцијата е урбана и модерна, а низ парчињата се присутни мотиви од главната инспирација преку принт. Остананиот дел е направен од црна ткаенина. Модниот мозаик на Ивановски е донесен толку внимателно што веднаш би сфатиле дека станува збор за парчиња од иста колекција, дури и да ги погледнете на две различни места, бидејќи Ивановски убаво ја развива приказната низ целата колекција.

Останал верен на идејата да направи нешто за него препознатливо, но повторно некако поинакво од сето претходно создадено како негов моден резултат. Уникатноста на креациите уште еднаш заслужено го оправдува потписот на дизајнерот кој и самиот како човек, со својот стил и став, никогаш не се претпопувал во толпата. На неколку минути по финалето сподели впечатоци со нашата екипа.

„Се чувствувам олеснето на некој начин, со оглед на тоа што веќе подолг период работев на колекцијата која сега конечно ја прикажав пред публиката. “ – изјави Ивановски за Канал 77.

Првата вечер во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Скопје, продолжи со колекцијата на дизајнерката Евгенија Зафировскa. Таа остави впечаток за паметење со нејзиното испреплетување на модата со архитектурата. Токму затоа колекцијата е насловена „Архитектура во движење.“ Во фокусот на колекцијата не е кој било, туку инспиративниот Кензо Танге, јапонскиот архитект кој го обнови, со тоа му даде и нова душа на Скопје.

Штом архитектурата влегува во модни кругови, очекувано, видовме 3 D структури низ парчињата.

Дизајнерката ја опишува својата колекција како современа и уникатна, препознатлива и базирана на корисни, иновативни рачни техники и материјали. И навистина, парчињата на Зафировска се нешто кое се двои како посебна модна целина. Дури и да не сте чуле ништо за нејзината инспирација, ако добро се анализираат моделите, се забележува или може да се претпостави од што била инспирирана кога создавала. Или во превод, темата е погодена и реализирана директно во центар.

Дел од модните идеа на Ивановски и Зафировска на писта ги донесе манекенката Сара Миленковска. Ни го потврди она што го претпоставувавме, дека сосем поинаку се носи парче на писта кога и лично ти се допаѓа.

„Мислам дека е многу важно, не само да се чувствуваш убаво и удобно во тоа што го носиш, туку и да ја разбереш приказната зад тоа, за на тој начин да успееш да го извадиш најдоброто од тебе а и воедно од дизајнерот.“- изјави Миленковска за Канал 77.

 

Вечерта понатаму течеше во друштво на авангардната колекција на „КALI ROSE by Katarina Luka“ надополнета со аксесоари. Своите креации ги претстави и Зана Алиу која стои зад „Zana Aliu showroom“ и колекцијата „Red&The spectrum“.

За крај на првата вечер од седумнаесеттиот моден викенд Скопје се случи ревијата на „Fingerprint“ и нивната колекција “Macedonian beauty”. Станува збор за креации кои се 100% осмислени и направени во Македонија односно маици со 16 различни принтови.

За време на тридневниот настан ќе бидат изложени девет креации на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет кои веќе беа прикажани во Францускиот институт во Скопје . Студентите работат на тема инспирирана од француската кинематографија, под менторство на Лидија Георгиева – професор и дизајнер.

Повеќе фотогафии од двете ревии со кои се отвори седумнаесеттото издание на Моден Викенд Скопје можете да погледнете во галеријата во прилог.

Би те интересирало и

Сириските воени извори демантираат дека е извршен ракетен напад врз военовоздухопловната база „Шајрат“

Сириски воени извори ги демантираат информациите дека е извршен ракетен напад против военовоздухопловната база Шајрат ...

Царовска: Обвинителството истражува дали се бара мито за посвојување деца

Основното јавно обвинителство повело истрага по допрен глас дали службеници од Министерството за труд и ...