Иванов: Канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Иванов: Канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот

Иванов

Канонизацијата е настан што сите нас во Македонија треба да не’ издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања, и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во политичкиот противник. Канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот. Крајно време е да не обедини и нас – порача претседателот Ѓорге Иванов во вчерашното обраќање по повод Илинден, а во пресрет на прогласувањето на Мајка Тереза за Светица на 4 септември во Ватикан.

Церемонијата во Рим на која се очекува присуство на многубројни верници и високи гости од целиот свет, ќе ја предводи Папата Франциск, кој во март годинава го потпиша декретот за канонизација на Мајка Тереза. Прогласувањето на Мајка Тереза за Светица, Република Македонија ќе го одбележи со низа настани и манифестации, а во Скопје, родниот град на светската хуманистка ќе биде приредена Татковинската прослава, насловена како „Месец на Св. Мајка Тереза“.

majka-terezaНа 4 септември, кога папата Франциск во Ватикан ќе ја прогласи Мајка Тереза за Светица, во капелата на нејзината Спомен куќа во Скопје ќе се одржи свечена Св.Евхаристија. Во чест на канонизацијата на Мајка Тереза во септември ќе бидат одржани повеќе миси во католичката црква, изложби, концерти, прикажување на филмови за живот и делото на светски познатата мисионерка. Во МАНУ пак, ќе биде одржана Свечена академија, како и пригодна академија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во рамки на татковинската прослава ќе биде организирана и хуманитарна акција, додека централниот настан ќе се случи на плоштадот Македонија. На местото на родната куќа на Мајка Тереза е предвидена духовна програма, а ќе биде прогласено и Светилиште на Св. Мајка Тереза.

Истовремено во Рим, ќе биде претставена изложба на фотографии и текстови поврзани со животот и делото на големата хуманистка, што ќе ја реализираат Министерството за култура и Спомен куќата на Мајка Тереза. Таа беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква.

Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица беше одржана на плоштадот Свети Петар во Рим во 2003-та година, на која присуствуваа над 300 илјади верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, додека на церемонијата присуствуваше и многубројна македонска делегација, предводена од претседателот Борис Трајковски.

Би те интересирало и

Столтенберг: Решавањето на проблемот со името клучно за членството во НАТО

По обраќањето во Собранието и неколкуте средби со министри и политички лидери, генералниот секретар на ...

Столтенберг: Има место за уште знамиња пред седиштето на НАТО

Петнаесетина минути траеше денешното обраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Собранието, од ...