Иди ми – дојди ми: Кога Бонева одела, а кога се враќала од ДИК

Патните трошоци што ги добиваат функционерите постојано ја брануваат јавноста, а досега ниту една институција не превзема мерки за да истражи  дали трошоците се оправдани или има и злоупотреби. Откако во јавноста се обелодени податокот дека Силвана Бонева, како член на ДИК, за шест месеци добила 12 илјади евра од сметките за патарини, Фактор ги побара фискалните сметки од сите патарини со часот на доаѓање и заминување од Скопје со кои Бонева ги правдала трошоците. ДИК одби да достави копии, за да не ја загрози безбедноста, но велат дозволено е да се направи увид. Од оваа институција, ги доставија само податоците во колку саат Бонева дошла и заминала од Скопје. Од овие податоци, се гледа дека Бонева кон Скопје некогаш патувала и по полноќ, а најчесто тргнувала во раните утрински часови. Доцна навечер пак го напуштала главниот град. Од  официјалните податоци се гледа и дека во некои месеци, речиси секој работен ден патувала за да стигне во Скопје – пишува порталот Фактор.

Наташа Стојановска

Во осум месеци,  Бонева доаѓала 132 дена на седници во ДИК

Силвана Бонева, за десет месеци минатата година наплатила патарини за вкупно 132 дена, покажуваат податоците на Фактор добиени согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер.

При тоа, тука се исклучени месеците јули и август за кои Бонева се откажа од барањето за исплата на патни трошоци. На таков чекор Бонева се одлучи откако во јавноста беше обелоденето дека за само шест месеци во ДИК, успеала да прикаже и добие патни трошоци во износ од 12 илјади евра. Практично, јули и август, се единствените месеци од минатата година во кои не добила пари за патни трошоци, а веќе во септември и октомври повторно доставува сметки од патарини.  При тоа, за првпат, во септември прикажани се сметки за само пет дена, додека во другите месеци некогаш и речиси секој работен ден доаѓала и заминувала од Скопје.

Анализата на податоците добиени од Државната изборна комисија покажува дека Бонева, на седници во Скопје, во некои месеци доаѓала речиси секој ден.

Колку денови во месецот Бонева доаѓала во Скопје

  • Јануари   11 дена
  • Февруари   22 дена
  • Март  24 дена
  • Април  22 дена
  • Мај  19 дена
  • Јуни  12 дена
  • Јули  /
  • Август  /
  • Септември  5 дена
  • Октомври  17 дена

ДИК: Не доставуваме копии од фискалните сметки за патарините, оти може да влијаат на безбедноста на членовите

Од Државната изборна комисија побаравме детална анализа за тоа во колку саат доаѓала и си заминувала Бонева, со целосен преглед на часовите од сите патарини, кои ги поминувала на доаѓање и на заминување. Но, од ДИК, одлучија да достават само час на доаѓање и час на заминување, посочувајќи дека доколку ги достават и комплетните податоци за тоа во колку саат и на  кои патарини поминувало возилото на Бонева на доаѓање и на заминување, ќе може да влијаат на безбедноста.

„Останатите податоци кои се бараат може да влијаат на безбедноста на било кој член на ДИК. Од тие причини, не може да ги доставиме бараните копии од фискалните сметки, но може да се направи увид во бараните податоци“,објаснуваат од ДИК.

На седници во ДИК се патувало и по полноќ

Според податоците за часот на доаѓање и заминување за минатата година, Бонева во Скопје доаѓала во раните утрински часови. Некогаш пристигнувала и пред да се раздени. Заминувала доцна навечер.

Па така, на 18 мај дошла во Скопје  во 2 часот по полноќ, а заминала во 22 часот. Следниот ден повторно дошла во Скопје во седум часот наутро.

На 30 март, во Скопје дошла половина час по полноќ, и заминала во 20 часот, додека на први февруари мината година во Скопје дошла во три часот  по полноќ и си заминала во 20 часот . И на осми март Бонева била во Скопје, дошла во 6 часот и 50 минути, а заминала во 20 часот.

Во продолжениие погледнете ги деталните листи  за часовите во кои дошла и заминала Бонева минатата година

ЛИСТИТЕ ЗА ДОАЃАЊЕ И ЗАМИНУВАЊЕ

Силвана Бонева, изминатите години е во центарот на вниманието, откако беше обелоденето дека за само една година како пратеник на име на патни трошоци добила повеќе од 20 илјади евра. Но, засега нема податок колку изнесува вкупната сума што на име на патни трошоци ја добила Бонева, како пратеник во Собранието. Бонева беше пратеник од 2002 до 2014 година.

Истата пракса со патните трошоци Бонева ја продолжи и во Државната изборна комисија, каде за само шест месеци на нејзината сметка легнаа 12 илјади евра од патарините.

Со оглед дека Бонева во политиката е долги години, се претпоставува и дека сумата што ја добила на име на патни трошоци е многу поголема. Но, тоа го дозволува законското решение што е на сила, согласно што се исплаќаат патни трошоци на функционерите. Сепак, иако и други функцинери ја имаа истата бенефиција, револтот во јавноста за Бонева е од причина што Бонева пријавува патни трошоци од по десетици илјади евра, а во истовреме нејзините синови купија станови во центарот на Скопје.

 

Извор: www.faktor.mk

 

Би те интересирало и

„Мултикултурните поврзувања во граѓанскиот сектор во Македонија“, книга на Лилјана Поповска

Недоволната поддршка од институциите го ограничува влијанието на мултикултурното поврзување во граѓанскиот сектор. Ова, во ...

Oрганизирани повеќе хуманитарни настани за лекување на гостиварецот Стрезовски

Професорот по физичка култура, Заке Крајчевски организираше три претстави на Магионачарско шоу во Центарот за ...