Избрана е новата влада на Република Македонија

Фото: Гласот на Америка

Собранието на Република Македонија пред полноќ со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“ ја избра новата Влада. Владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев ќе има 25 министри. Пред гласањето за избор на новата Влада, Заев рече дека ќе работи на сплотување, а не на делење и одговараше на прашањата и забелешките на пратениците изнесени за време на дводневниот претрес.

Во однос на прашањето за името кажа дека Владата ќе разговара со опозицијата за да се постигне консензус и оти одлуките ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да се најде решение, а не да се блокира. Изрази надеж и за помош од меѓународната заедница:

„Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината, а верувам и на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност“.

Новиот премиер од говорницата го покажа одговорот што го добил од Специјалното јавно обвинителство во кое тој се известува дека до овој момент нема поведена истражна постапка или е подигнат обвинителен акт за некој од 25-те министри вклучувајќи го и него. Одговорот од СЈО тој му го остави на претседателот на Собранието да им го подели на пратениците. Рече дека законот ќе важи за сите и оти не сака одмазда и реваншизам.

За Парламентот истакна дека треба да биде коректив на новата власт, а не извршно тело. За обезбедувањето кворум во Собранието смета ќе биде тешко. Се заблагодари за дел од конструктивните дискусии од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сакам да знаат сите овде пред јавноста – ако некој се дрзне да интервенира врз обвинител или врз судија подобро сам да си даде оставка, а ако не го стори тоа, јас ќе дадам предлог за негово разрешување“, изјави Заев додавајќи дека правната држава ќе се врати со личен пример и со политичка волја.

Премиерот Заев и се заблагодари и на Владата што заминува.

„Многу остри зборови беа кажани овие два дена, но секоја конструктивна забелешка ја прифаќам. Тешко е да се оди во опозиција, посебно заради сериозни сомневања. Но никој повеќе нема да има контрола врз правосудството“.

Зборувајќи за состојбата пред и по изборите, Заев им изрази почит на лидерите на партиите на Албанците за, како што рече, нивната присебност. – Сигурен сум дека на сите им е тешко заради 27 април.  Во експозето на почетокот на седницата за избор на новата Влада Заев најави дека ќе предводи реформска влада во Македонија: „Наши три клучни темели ќе бидат посветеност на економијата и живот на сите, на силни професионални институции и правда за сите и на Европската унија и НАТО и перспективи за сите“.

Истакнувајќи дека ќе работат чесно и посветено исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија, тој рече дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и оти ќе се гради обединето општество кое ќе обезбеди стабилност. Во фокусот на владата, меѓу другото, ќе биде развој на економијата и стандардот на граѓаните, при што најавува просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата на 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.

Пред Заев, од собраниската говорница се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој истакна дека со коалицијата „За подобра Македонија“ ќе останат на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, но и во функција на развојот и напредокот на државата.

 

Додади коментар

Би те интересирало и

Се очекува летово да се пушти во употреба новиот водовод во Тетово, кој се гради повеќе од една деценија

При крај е изградбата на филтер станицата од новиот тетовски водовод, кој според одговорните од ...

Најмладиот планинар во земјава Ване Бошев, викендов го освои Олимп

Најмладиот планинар во земјава Ване Бошев, викендов го освои Олимп.Првите чекори во планинарењето на Ване ...

Close