Извештај на Хелсишнки: Бегалци противправно се држат во притвор, полицијата продолжува со прекумерната сила – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Извештај на Хелсишнки: Бегалци противправно се држат во притвор, полицијата продолжува со прекумерната сила

Политичката криза која кулминираше ланската година се одрази врз справувањето на Македонија со бегалската криза – покажува најновиот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој се однесува на правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во земјава.

Се’ уште се чека исходот за случајот во кој полицијата неосновано примени прекумерна сила при приведувањето на десетина бегалци во кампот во Табановце –  реагираа денеска од Хелсиншкиот комитет, при презентацијата на нивниот најнов извештај. Елена Брмбевска од оваа невладина, вели дека  полициското постапување мора да биде усогласено со националните закони и стандарди.

„Имаме неколку ситуации каде полицијата употреби прекумерна сила кон бегалците. Еден таков случај е приведувањето на десетина бегалци во кампот  во Табановце. Случајот имаше многу недоречености и народниот правобранител поднесе кривични пријави за овој случај. МВР не даде соодветни одговори и се’ уште се чека исходот дали полииските службеници ќе бидат соодветно казнети за своето постапување“, вели Брмбевска.

Извештајот го нотира и задржувањето на бегалците, без да им се даде потврда или каков било документ со кој тие би ја знаеле причината за тоа.

„Еден од проблемите кои се забележани во 2017 е неоправданото ограничување на слободата на движење на бегалците и нивно противправно држење во притвор. Оваа пракса претставува прекршување на Европската конвенција за човекови права. Во прифатниот центар во Гази Баба се задржуваат лица кои се сведоци во кривична постапка против криумчарите. За ова не е издадена потврда за да знаат врз основа на што се задржани“, додава таа.

Од Хелсиншки комитет за човекови права велат дека сепак главниот проблем во справувањето на земјава со бегалската криза е илегалното и групо депортирање на бегалци и  и мигранти кон соседните земји. Од Комитетот бараат и Македонија во најкраток можен рок да донесе Национална стратегија за интеграција на бегалци и странци. Околу ова прашање имаше голема дискусија и беше злоупотребено од некои политички партии – велат од невладината.

Еден од главните проблеми беше процесот на регистрација на сите бегалци и мигранти кои поминуваат низ Македонија. Ова беше карактеристично за кампот во Табановце, каде бегалците не беа регистрирани и со тоа државата не можеше да води евиденција кои се’ луѓе поминале овде – покажува извештајот.

Инаку статистиката покажува дека лани, барање за азил поднеле 147 лица. Од Хелсиншки сепак велат, дека постапката при која се утврдува дали некој треба да добие азил е бледа и површна.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Градоначалникот Јованоски ги прими и им врачи подароци на трите топ менаџерки од Прилеп

Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски претпладнево во својот кабинет оствари прием за трите прилепчанки менаџерки:Ирена ...

Времен сообраќаен режим на дел од автопатот Велес-Катланово

Времен режин на сообраќај ќе се воведе од утре до 10 мај на автопатот А1(Е-75) ...