Извршителите нема да блокираат сметки на приматели на социјална помош – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Извршителите нема да блокираат сметки на приматели на социјална помош

Министерството за труд и социјална политика и Комората на извршители на Македонија денеска потпишаа меморандум со кој извршителите се обврзуваат да не ги блокираат сметките на лицата приматели на социјална помош.

„Потпишувањето на меморандум со Комората на извршители е со единствена цел, да ги заштитиме правата на лицата кои се во социјален ризик со тоа што ќе спречиме да се блокираат нивните сметки“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Според неа, со овој меморандум и со поставување директна конекција меѓу МТСП и софтверите заедно со Комората на извршители, ќе биде надминат проблемот со блокирање сметки на примателите на социјална помош и други права од системот на социјална заштита и овие граѓани нема да бидат оштетени во ниту еден момент.

„Во изминатите години не само што имавме блокирање, туку и за одблокирање на сметките граѓаните имаа обврска да плаќаат. Сега тоа го надминуваме и граѓаните се ослободени од трошоци, но ќе се надминат проблемите со кои што се соочуваат и извршителите, а и МТСП се ослободува од товарот со одредени пари кои од буџетот беа наменети за граѓаните, да бидат потрошени за банкарски или други административни трошоци“, рече Царовска.

Претседателот на Комората на извршители Зоран Димов рече дека со меморандумот се исполнува и обврската од Законот за извршување, со која е предвидено за непречено спроведување на извршувањето, извршителот да има право по електронски пат за конкретен должник да побара податок од евиденциите кои ги водат органите на државната урпава.

„Извршителите сега ќе можат по електронски пат да проверуваат дали едно лице е примател на парична помош од социјалната заштита преку пристапот до регистарот на МТСП, со што ќе се избегне потребата од писмени докази за исполнување на условот за изземање на овие средства од извршувањето“, рече Димов.

Потписниците се согласни да ги применуваат највисоките стандарди за етичко и законско однесување за време на реализацијата на овој меморандум и се обврзуваат да обезбедат систем за заштита на податоците од неовластено користење и злоупотреба.

Би те интересирало и

Околу 40 милиони евра за нови 80 километри гасовод

Речиси четириесет милиони евра ќе ја чини државата изградбата на новата гасоводна мрежа. Ова го ...

Само 27 отсто од компаниите во Македонија се сопственост на жени

Најголем број на македонските големи и средни компании, односно во 73 проценти од нив се ...