Иџе: Ми претстои најтешката трка во кариерата

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски Иџе, денеска со својот тим ќе отпатува за Чешка каде што викендов ќе се вози последната трка во Европскиот шампионат на кружни патеки (ЕТЦЦ).

Во пресрет на последната трка во сезоната, Иџе, кој во дебитанската сезона успеа да забележи две победи во ЕТЦЦ, влегува со реални шанси за освојување на титулата. Иџе во досегашниот дел од сезоната собра 55 бода, осум помалку од лидерот Петр Фулин, а пред него се и Наѓи со 55 и Шрајбер со 57 бода.

„Ми претстои една од најтешките трки во мојата кариера, притисокот е огромен бидејќи се бориме со сите тие искусни тимови. Ми претставува чест и гордост што на тие трки и во таква конкуренција го вееме македонското знаме. Ќе дадам сè од себе за овој викенд да ги израдувам сите Македонци и се надевам дека ќе го освоиме првото место“, рече Иџе на прес-конференцијата пред заминувањето за Чешка.

„Мислам дека направивме и повеќе од она што и јас лично го очекував. Победивме на две трки и се бориме за европскиот трон. Иако во една друга дисциплина имаме донесени две европски титули, се надевам дека ќе имаме шанси да го донесеме и третиот шампионски медал, заедно со мојот тим и моите спонзори“.

Работата за освојување висок пласман на македонскиот автомобилист ќе му биде отежната бидејќи за трката во Чешка богатите тимови ја користат можноста да донесат нови возачи, кои треба да им го чуваат грбот на оние кои се борат за висок пласман.

„Сите тимови таму имаат тимски колеги кои им го чуваат грбот. За жал, за оваа трка се најавени пет нови возачи, кои веројатно ќе штитат нечиј грб. Ние одиме само, нема кој да ни помогне во сиот тој метеж на патеката. Се надевам дека изреката ‘двајца се караат третиот користи’ ќе оди во наша полза. Ќе водам смирено, тактички, и во зависност од условите на патеката ќе се обидеме да собереме што е можно повеќе поени и ако можеме да го донесеме тронот во Македонија“, рече Иџе.

Во пресрет на најважната трка во кариерата на Иџе, огромна доза оптимизам владее во неговиот тим.

„Дојдовме до финалето, во последната трка се бориме за европскиот трон. Јас сум убеден дека ќе бидеме на пиедесталот во генералниот пласман, а на кое место, ќе зависи од многу фактори“, вели Тане Кузмановски, потпретседател на АКК Стефановски, и откри дел од плановите на тимот за наредната година.

„Доколку успееме да го освоиме првото или второто место во генералниот пласман, планираме наредната година, со помош на АМС, да атакуваме во светскиот шампионат на кружни патеки.“

Пресот Иџе го одржа во просториите на Агенцијата за млади и спорт (АМС) од каде веќе најавија поддршка и за неговите идни активности.

„Сметам дека Иџе на 8 октомври во Чешка повторно ќе нè направи горди што сме Македонци. Според она за што го разговарав со него и неговиот тим, сметам дека треба да бидеме оптимисти, дека целата македонска јавност ќе се израдува на титулата во ЕТЦЦ шампионатот. Ова не го кажувам за да му направам дополнителен притисок на Иџе, но сметам дека целата македонска јавност треба да му даде поддршка“, рече директорот на АМС, Дарко Каевски.

Трката во Чешка на патеката „Мост“ се вози на 8 октомври.

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...