Каде завршувале парите од донации во Домот за деца без родители „11 Октомври“?

Пишува Кристијан Ландов

Искршена ограда и дотрајани клупи. Зеленилото се изгубило меѓу догорчињата од цигари. Дотрајани фотелји, излупени ѕидови, искршени врати. Ова е првата слика од Домот „11 Октомври“ каде што со години се донира за штитениците, а нема никаков резултат. Првото прашање што се наметнува е каде завршувале парите на граѓаните и многуте донатори ако Домот останал непроменет како пред речиси сто години?

Оваа институција е дом за 50-ина деца. Но, државата за нив е маќеа. Прв човек на Домот до пред една седмица беше директорката Ристенка Атанасова. Осум години задолжена за социјалната и здравствената заштита на штитениците, донациската сметка и фондовите, ресурсите и условите.

Ладните ходници на Домот, каде што е оставен истрошоениот мебел, прашината по прозорците и пајаковите мрежи, заедно со влагата по ќошовите, не оставаат впечаток дека оваа установа е специјализирана за грижа на децата без родителска грижа. Екипата на „Макфакс“ можеше да ги забележи и догорчињата од цигари во собите, ниското ниво на хигиена, но и празните кујни каде што, наместо шест стола со маса, има дотрајана врата, која своето место си го нашла потпрена на немолерисаните ѕидови. Во просториите, освен вратите, кои практично не се затвораат, има и искршено огледало, кабли што се развлекуваат по ѕидовите, скршени стакла, но и прекинувачи кои се надвор од функција. Низ прозорците, наместо зеленило и поглед кон булеварот, отпадоци расфрлани низ дворот.

Лошата состојба ја потврди и стручниот надзор кој бил испратен лани од техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски. Од Министерството на 11.11.2016 година било наложено да се изврши механичко чистење и дезинфекција на целиот објект, молерисување, но и санирање на оштетениот мебел. Подобрувањето на хигиената и поправката на санитарните јазли биле меѓу последните точки по кои директорката требало да постапи. Иако Атанасова писмено била известена за недостатоците, таа не ја подобрила состојбата со образложение дека Домот нема пари за тоа.

Во 2014 и 2015 година директорката Атанасова побарала и добила 500.000 денари од страна на Министерството, чија намена била подобрување на животниот стандард во Домот. Состојбата во „11 Октомври“ била толку лоша што МТСП побарало затворање на објектот сè до отстранување на недостатоците. Но, поради непостоење друг објект од ваква категорија, Министерството донело решение со кое бара итно преземање на потребните мерки со цел санирање на актуелната ситуација. Но по една година, на подовите шетаат лебарки, а орманите се со искршени врати.

Со години во Домот се слеваа илјадници донации, дел од нив во финансиски средства, а другите како материјални добра. Аголни гарнитури, бела техника, компјутери, опрема за сали за вежбање, фенови за коса, чизми, машини за перење, опрема за игротека, облека, телевизори и велосипеди. Кога комисија на МТСП тропнала на вратите од Домот, увиделе дека сите овие донации не биле сметководствено евидентирани и за нив нема договор за донација во писмена форма, односно договори со кои се регулира на кој начин ќе бидат трошени средствата. За некои од нив нема ниту издаден реверс. Како донатори се впишуваат имиња на приватни компании, државни институции, но и функционери. Во 2016 евидентирани се 212.844 илјади денари врз база на донации, а веќе во февруари има повеќе од 350 илјади. Почетното салдо од јануари 2016 година на буџетската сметка од Домот изнесувало 597.974 денари за по единаесет месеци да останат само 180.426 денари. Пред заминувањето Атанасова на донаторската сметка оставила само 72.973 денари. И покрај трошењето на овие пари, состојбата во Домот и натаму е иста, а недостатоците не се поправени. Од расходната класификација се гледа дека 43.796 денари се исплатени како репрезентација, а 20.000 денари за објавување огласи во огласникот „Јелоу пејџис“.

Но, финансиски средства за остранување на лошата санитарно-хигиенска и техничка состојба немало. Оваа состојба во Домот „11 Октомври“, со кој 8 години раководеше Атанасова, претставувала потенцијална опасност за појава и ширење заразни болести меѓу децата и персоналот. Сомнежот за недомаќинското и ненаменско трошење на парите што Домот ги добивал од физички и правни лица придонел донациите да се намалуваат, а со тоа да ѝ се нанесе штета на установата.

Некои од донаторите за „Макфакс“ тврдат дека кога изразиле желба да донираат им било кажано тоа да го направат во кеш, со што не сакале да помогнат.
Недоследности имало и со џепарлакот што го добивале штитениците. Домот има правило, кое вели дека доколку некое од децата оштети имот на Домот, треба да му се одзема симболична сума од џепарлакот. „Макфакс“ дојде до информации кои велат дека дневниот џепарлак, кој треба штитениците да го добиваат, им бил неосновано одземан, без тој сметководствено да се оправда за што бил пренаменет. Во Домот имало случај кога за скршено огледало му бил скратен џепарлакот на еден од штитениците, но штетата била наплатена истовремено и од буџетската сметка на Домот.

Директорката Ристена Атанасова тврдела дека не можела да ја санира лошата состојба во Домот поради недостиг на финансиски средства, но од службената сметка плаќала суми од 6.000 до 7.000 илјади денари за телефонски разговори со образложение дека таа е директор, иако ѝ било дозволено само 2.000 денари. Од сметката на Домот „11 Октомври“ таа набавувала и по 5 килограми лешници, ф’стаци и бадеми, без тие да бидат евидентирани во магацинот како што е пропишано за сите набавки.

На фактурите до кои дојде „Макфакс“ може да се види дека Атанасова купувала и часовници од по 6.000 денари, односно за нив исплатила 580 евра, а не се знае каде завршиле тие, односно нема документација за нивната намена. Во сметководствените евиденции е и онаа за телефонски апарат платен од Домот во износ од 45.000 денари, со кој се служела Атанасова. Сметките за јадење и пиење пристигнуваат во Домот и по нејзиното заминување од директорската фотелја. Атанасова за време на зимувањето на штитениците во ски-центрот на Попова Шапка се гоштевала и со бело вино, а на фактурите може да се забележат и други алкохолни пијалаци, како коњак и ракија. Од дописите со туристичките агенции видливо е дека Атанасова додека била на службен пат во Германија и во САД со себе го носела и синот, но допрва се испитува со кои средства е платен билетот.

Осумгодишното раководење на Домот од страна на доскорешната директорка Ристанка Атанасова одело дотаму, па поради недостиг на кадар, чуварот го унапредила во воспитувач, а воспитувачката била задолжена да ги извршува работните задачи како психолог, што е утврдено и во записникот на Министерството за труд и социјална политика, кој е полн со нерегуларности во работата.
Директорката Ристенка Атанасова беше дел и од бомбите на опозицијата, каде што можеше да се чуе како ги врбува штитениците кои станале полнолетни да гласаат за Никола Груевски.

„Еее вака сега министре, прашав еднаш во домот јас нели блиску и живеам. Имаме значи две деца што имаат лична карта на Скопје тие ќе гласаат тука во домот, тоа се Колев Виктор и Елизабета, другите имаме уште 6 дечиња што се полнолетни меѓутоа и они сакаат ако им се плати патот би оделе да гласаат за Груевски буквално така викаат“, вели Атанасова во „бомбата“ објавена од СДСМ.

Атанасова одела дотаму што пред неколку години од работа избркала самохрана мајка со образложение дека била принудена од страна на ВМРО-ДПМНЕ за да се ослободи место за партиски кадар. Истата директорка вработила лице што подоцна завршило во љубовна врска со штитеник на Домот со кого подоцна се венчала.

Работата на Ристенска Атанасова како директор на Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ не била цел на увид во МТСП сè додека на позицијата технички министер не застана Фросина Ременски. Техничката министерка по основ на недоставување извештај за финансиско и материјално работење на Домот, што е законска обврска на директорката, ја разреши од позицијата. Атанасова еден и пол месец по разрешувањето била ангажирана со договор на дело во затворот во Шуто Оризари, но тука се случува уште еден преседан. Иако не била вработена во „11 Октомври“ одреден период, Агенцијата за вработување со цел да нема прекин во стажот, ѝ го продoлжила стажот, а со тоа ѝ биле исплатени и платите со надоместоците.

По толку години на оваа функција, останува прашањето – каде завршувале донациите и дали некој има намера да изврши ревизија на финансиското работење?

Во Домот не знаат со кои средства е изградена ботаничката градина од која останале само оштетен плексиглас и старо железо. Неколку метри подолу, расфрлани камења, фонтана и стари алишта. Искршените детски реквизити асоцираат на хорор-филм од реномиран режисер. Всушност, вака изгледа дворот на Домот за деца без родители „11 Октомври“ – Скопје. Единствено, нова е фасадата на објектот, заедно со спортската сала, која поранешниот премиер Никола Груевски ја пушти во употреба, без да има извршен технички прием. Шестотините илјади евра вложени во оваа сала сега само ги зголемуваат трошоците на Домот бидејќи товарот за режиските давачки паѓа на нивниот грб. Наместо трошоците да се намалуваат, а животот на штитениците да се подобрува, во овој дом сè оди по обратен редослед. Салата која е пуштена во употреба само пред медиумите, никогаш не проработела, па се отвора прашањето дали намерата на поранешната влада била салата да биде издадена под концесија за некој на државен трошок да стопанисува и прави профит?

По осум години директорување, Атанасова повеќе не е на раководната позиција во Домот, а зад неа оставила состојба која итно треба да се санира. Останува отворено прашањето дали Обвинителството по допрен глас ќе отвори истрага против незаконските трошења средства од Домот.

Снимател: Влатко Желчески / Монтажа: Бојан Ефремов

Извор: Макфакс

Додади коментар

Би те интересирало и

Центарот на Тетово раскопан половина година

Центарот на Тетово половина година се дави во прашина, поради запрените активности за реконструкција на ...

Од попладне врнежи во западните делови

Во попладневните часови облачноста ќе се зголемува, во западните делови ќе има локален дожд, кој ...

Close