Капацитетот на компаниите препрека за аплицирање за мерките од Планот за економски раст – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Капацитетот на компаниите препрека за аплицирање за мерките од Планот за економски раст

Во наредните две до три недели ќе биде објавен првиот повик на кој компаниите ќе може да аплицираат за добивање грант од третиот столб на владиниот План за економски раст. Повикот ќе биде отворен 45 дена, а процесот на евалуација ќе трае 60 дена – соопшти директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски. Тој и извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Александар Зарков на заеднички состанок со претприемачите веќе го заокружија процесот на консултации за ваквите мерки.

„Пред компаниите го презентиравме моделот на селекција, којшто нема да го прават ниту државни службеници, ниту политичари, ќе се потпреме на надворешни стручни лица. Начинот на бодување на проектите ќе биде објавен заедно со повикот и правилниците. Сите оние кои ќе сакаат да аплицираат ќе добијат терк на апликација и терк на буџет. Ќе имаат јасна претстава за целата процедура и ќе знаат точно по кои критериуми ќе бидат оценувани апликациите што ќе пристигнат“, вели Деспотовски.

Извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Зарков вели дека за компаниите, препрека за аплицирање е нивниот капацитет, па затоа се преземаат активности со кои би се подобриле нивните капацитети за подготвување комплетна апликација.

„Мерките вклучуваат сегменти кои се неопходни за компаниите – креирање на маркетинг и развојни планови,  истражување и развој, пласман на нови производи. Тоа се суштествени елементи кои се многу значајни за компаниите во моментот и се надеваме дека со овие предвидени мерки ќе се придонесе за реален економски бенефит“, нагласи Зарков.

Компаниите  што ќе добијат неповратни средства со мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст ќе имаат на располагање 1,5 милиони евра. Од Фондот за иновации и технолошки развој очекуваат првите договори со претприемачите, да бидат потпишани до крајот на јуни.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Ирена Јакимоска е нов претседател на Стопанската комора за Прилеп

Управниот одбор на Регионалната Стопанската комора за Прилеп доби нов претседател – Ирена Јакимоска. Таа ...

Пуштена во употреба делницата Демир Капија – Смоквица

Граѓаните веќе може да сообраќаат на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, која претставува последен ...