Караџовски: Судиите може да се жалат пред Врховниот суд

Во однос на Годишниот распоред на судии немаме никакви законски механизми за делување, вели претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Како адреса за приговор го посочува Врховниот суд.

Ова е правниот лек што им останува на десетина судии од Основниот суд Скопје 1, незадоволни поради нивното распоредување во други оддели или судови, врз основа на Годишниот распоред на судии. Промената во распоредот денеска ја зовре атмосферата во Кривичниот суд, која е прилично поларизирана уште од крајот на минатата година.

„Класична чистка“ – е најчестиот збор со кои судски извори ја опишуваат постапката на в.д. претседателката на Кривичниот суд Скопје, Татјана Михајлова, во чија надлежност е изработката на Годишниот распоред за судиите. Како аргумент за ова тврдење го посочуваат фактот дека „случајно“ се прераспоредени најмногу од оние чии потписи биле на листата од 12 судии, кои до Судскиот совет го искажаа нивното незадоволство од работењето на претседателот на Судот, Владимир Панчевски (кому во декември му истече мандатот, а пледира на истата функција) и оние кои ги прифаќале барањата на Специјалното јавно обвинителство.

Судскиот совет без маханизам

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, не сака да го коментира ваквото толкување на новиот распоред.

„Не можам јас да кажам дали се работи за реваншизам или одмазда. Нивен личен став е дали се чувствуваат онеправдени или не. Судија е судија, без разлика дали работи на кривични или прекршочни предмети. Судиската одговорност е иста и во двата случаја“, вели Караџовски.

Неофицијално, од Кривичниот во Судот за прекршоци биле прераспоредени судиите Драган Николовски, Седат Реџепагиќ, Оља Ристова и Марија Марковска. Судијката Весна Димишкова која работела на претходна постапка, а беше посочувана како судијката што го издала налогот СЈО да влезе во УБК, била распоредена во Одделот за малолетници. Судијката Славица Андреевска која ја замрзнала сметката на фирмата „Финзи“ определила притвор за градоначалникот на Битола, Владимир Талески и издала налози за предметот „Трезор“, била распоредена на предмети, кои нема да имаат никаква допирна точка со предмети на СЈО.

Може ли Судскиот совет да реагира на новиот распоред, кој ги подгреа сомнежите за политичка мотивираност?

„Не може“, вели Караџовски.

„Според став 4, од членот 39 во Законот за судови, судиите може да дадат приговор за Годишниот распоред само до Врховниот суд. Судскиот совет може да расправа само ако во текот на годината, по исклучок и против негова волја, одреден судија биде распореден од еден оддел во друг, или од еден суд во друг. Во однос на Годишниот распоред немаме никакви законски механизми за делување. Од тој аспект, не можеме ни да го коментираме Годишниот распоред, бидејќи со тоа би навлегле во работата на в.д претседателката на Судот и на нејзините законски надлежности“, објаснува претседателот на Судскиот совет.

Партиите ги вкрстија копјата

Состојбите во Судот брзо се префрлија на политичко поле.

„Криминалната власт не може да ги спречи правдата и промените“, порача денеска СДСМ.
„Никој и ништо нема да ја спречи правдата. Во Република Македонија ќе има правда, а сите кои правеле криминал и зло дела ќе одговараат. Така одлучија над 612.000 граѓани и тој процес е незапирлив. Ќе се спроведат темелни реформи според извештаите на Рајнхард Прибе и на Европската комисија, што ќе обезбедат независни институции. Ќе има целосен реизбор на судии. Судиите ќе работат во заштита на граѓаните, а не по партиски директиви како досега. Затоа сите обиди на криминалците, и надежите дека може да ја избегнат правдата – се јалови“, се вели во соопштението на СДСМ.

Граѓаните еднаш видоа како СДСМ во потполност да го окупира судството, одговори ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ е дувло и синоним за криминалот. СДСМ е водена од аболициран криминалец и врши континуиран притисок врз судството. Македонија еднаш виде како изгледа кога СДСМ во еден ден менува 617 судии и обвинители со такви по свој терк. Јавноста со свои очи виде и како експонентот на СДСМ во правосудството СЈО си ги штити своите пулени. Јанева го ослободи Верушевски, го аболицираше по втор пат Заев и спроведува отворена хајка против ВМРО-ДПМНЕ. Судството не смее да потклекне пред заканите на СДСМ“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Судот со загриженост ги следат „новите состојби“, бидејќи сметаат дека тие во голема мера може да ја оневозможат правдата.

Превземено од: Дојче Веле

Би те интересирало и

В петок пресуда за Лазаров за „шамарите во Центар“: Груевски не го коментира признанието на вина од неговиот сопартиец

  Преседан се случи на денешното судско рочиште за насилството во општина Центар, кога четвртообвинетиот ...

Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да ...