Кривични пријави против Доневски и сопственикот на „Секјуриком“ за злоупотреба на милионски тендер (Видео) – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Кривични пријави против Доневски и сопственикот на „Секјуриком“ за злоупотреба на милионски тендер (Видео)

Поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи, Васе Доневски и сопственикот и управител на Друштвото за обезбедување и услуги „Секјуриком Мултисервис“, Волфганг Гампер заработија кривични пријави за злоупотреба на тендер од над 660 милиони денари.

Според Управата за финансиска полиција, тие во 2015 година го изиграле Законот за јавни набавки и сториле кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „соизвршителство“. Прескокнувајќи одредени процедури кои ги предвидува Законот,  тие се договориле за услуги кои биле наплаќани по цена, значително повисока од онаа што се нудела на пазарот во 2015-та година.

Фирмата „Секјуриком Мултисервис“ всушност немала со кој да наддава, бидејќи била избегната можноста за електронска аукција која би овозможила конкурентно наддавање и намалување на цените на услугите.  Со склучениот договор, фирмата и’ овозможувала на Владата услуги од пет различни дејности (одржување хигиена, дактилографски услуги, тековно одржување, обезбедување и ПП заштита, но и оперирање со ТТ централи за органите на Државната управа) со што  противправно се стекнала со десетина милиони евра.

По кривичните пријави постапува Основното обвинителство за организиран криминал и корупција – соопшти денеска првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Тој денеска рече дека вчера со судска дозвола, полицијата упаднала на неколку локации запленувајќи неколку екетронски уреди, но и возило кое го купила компанијата „Секјуриком  Мултисервис“, која пак му дала полномошно на Доневски за тој истото приватно да го користи.

Муареми информираше дека во самото возило е пронајдена документација која укажува на поврзаноста меѓу Доневски и компанијата.  Засега не е познато дали и какви мерки против Доневски ќе бара Обвинителството, но засега тој останува во притвор, откако вчера беше приведен.

 

Вања Мицевска

 

 

 

 

Би те интересирало и

Заев убеден дека ќе има правна разрешница за насилниот протест во Собранието

Премиерот Зоран Заев вели дека е убеден оти ќе има правна разрешница за настаните во ...

Прилепски Комуналец е најуспешен во Македонија во селекција на отпад

Според официјалните податоци на Пакомак, Прилеп, е далеку пред другите градови во селектирањето на отпадот. ...