Критична маса #70: „Имаш сериозна врска?“ – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Критична маса #70: „Имаш сериозна врска?“

Што претставува за тебе точакот?

Можеби за некои е заменливо парче метал и две гуми. Но за поголемиот дел од нас точакот е нешто повеќе од бездушен предмет. За некои од нас тој е сеќавање на нашето детство. За други тој е добро друштво за до работа или факултет.- За некои е здраво тело, а за некои е филозофија, борба за поубав град. За некои сето тоа заедно. И тие работи се врзани со конкретниот точак, со спомените креирани со него, средбите, љубовите, турите, критичните маси. Рачно осликаното ѕвонче, дизајнерската торбичка или довлечканата специјална корпа, багажникот со кој мајсторот долго се мачеше да го монтира…грижливо собираните налепници и неспретно направените гребаници, искривените калници. Твои си се, со нив ги љубиш улиците на градот.

Веројатно колку повеќе вртиме со педалите, толку повеќе градиме поврзаност со нашиот точак и токму затоа боли кога ќе ни го украдат. Затоа што не украле само парче метал и гуми, туку украле и дел од нас.

Тогаш дали имате сериозна врска? Врска која нема да дозволи вашиот точак да биде украден.

Оваа Критична маса, 70-та по ред ја посветуваме на безбедноста на нашите точаци. Ќе возиме под слоганот „Имаш сериозна врска?“, затоа што секоја „сериозна врска“ со нашиот точак повлекува и сериозна грижа за него во периодот помеѓу две возења и сериозно добар систем на заклучување. Факт е дека велосипедите се лесна жетва за крадците, а за жал бројот на најдени и вратени точаци по кражба е сѐ уште мал.

Секогаш кога треба да го оставите некаде велосипедот, потсетете се на овие златни совети:

– Секогаш заклучувајте го точакот за објект кој е цврст, не може да се уништи лесно и е неподвижен.
– Велосипедот заклучувајте го за неговата рамка задолжително и дополнително за едно тркало доколку сте во можност, а никогаш само за тркалото.
– Заклучувајте го на места каде има голема фреквенција на луѓе
– Внимавајте на локацијата – таа секогаш треба да биде осветлено место и доколку има можност, заклучете го на место во домет на камера за надзор
– Одберете систем за заклучување кој е побезбеден (од најбезбедно до најнебезбедно): U-lock, лептир (folding lock), ланец/синџир (chain lock), сајла (cable lock)

И не заборавајте, не постои 100% безбедна комбинација која ќе го заштити вашиот велосипед од кражба.

Ако треба да го оставите велосипедот на подолго време, тоа нека биде во затворен или добро контролиран простор.
За градско возење и чести и долги оставања на отворено користете поевтин градски велосипед.

Во среда, на последниот ден од последниот зимски месец (28 февруари) ќе возиме за да ја покренеме свеста за проблемот со украдените велосипеди, да се едуцираме како да не останеме без нашиот миленик на две тркала, да го повикаме МВР да воведе регистар за велосипеди, како и да покаже посериозен и поодговорен пристап кон пријавените случаи. Исто така, повикуваме и секој на кој му бил украден велосипедот, да пријавува веднаш во полиција, бидејќи иако статистиката е демотивирачка, дел од велосипедите кои се украдени, сепак го наоѓаат својот пат назад до сопственикот. 

 

Преземено од: НаТочак

Би те интересирало и

Не чувајте го мобилниот телефон во задниот џеб

Луѓето најчесто го чуваат мобилниот телефон во задниот џеб од панталоните, што е погрешно, зашто тие ...

Како би изгледале светските лидери со доколку би имале кул фризури (галерија)